ВМРО-ДПМНЕ ќе митингува на првиот „роденден“ на Владата
Критиките за економските политики на Владата и нереализираните реформи ќе бидат во фокусот на долгонајавуваниот митинг на опозицијата, кој ќе се одржи на 2 јуни (сабота) во 20 часот пред седиштето на владата во центарот на Скопје. Се очекува присуство на неколку десетици илјади граѓани од целата земја, кои ќе изразат незадоволство од начинот на работа на премиерот Зоран Заев и неговиот тим. За таа цел, ВМРО-ДПМНЕ ќе организира превоз до Скопје за своите активисти, членови и приврзаници. Во најголемата опозициска партија се надеваат дека ќе добијат огромна поддршка и од неопределените и разочараните граѓани, со што митингот ќе биде еден од најголемите на македонската политичка сцена.
Одлуката за одржување на протестот била донесена во вторникот вечерта по седниците на централниот и на извршниот комитет на партијата.
„Ја разгледувавме актуелната политичка и економска ситуација во Македонија, ги разгледувавме актуелните теми што живот значат за граѓаните. Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе почне со организирање на еден огромен народен протест што ќе се случи на 2 јуни, во 20 часот, пред Владата на Република Македонија“, изјави претседателот Христијан Мицкоски.
Тој ги повика, како што рече, сите оние добронамерници, обесправени разочарани и излажани од страна Заев и политичарите околу него да се придружат на протестот.
„Да застанат рамо до рамо со нас, да тргнеме во офанзива, да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада“, истакна Мицкоски.
Според нашите информации, договорено е фокусот на говорниците да биде насочен кон неисполнетите ветувања на владата за просечна плата од 500 евра, падот на бруто-домашниот производ, задолжувањето од речиси две милијарди евра, стагнациите на пензиите, „бегството“ на странските инвеститори, „рецесијата“ во градежништвото, расипничкото трошење државни пари, како и нереализираните реформи од планот 3-6-9: партизираното судство и отпуштањата во администрацијата, односно апсењето неистомисленици. Ќе се чека дали до 2 јуни ќе има епилог од преговорите за името, па во зависност од тоа ќе се знае какви позиции ќе се заземат, но децидно е одлучено на митингот да нема изјави од типот: „Името не го даваме“. Ќе се внимава на националистичка реторика. Списокот на гости не е затворен, но епизоди како оние со унгарскиот премиер Виктор Орбан или австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц не се предвидуваат.
Најавите од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ дадени зимоска дека од мај почнуваат со излегување на улица и нема да се приберат сѐ додека не се закажат предвремени парламентарни избори и не падне Владата, ќе се претворат во еден протест и тоа на почетокот на јуни, затоа што оваа недела било предоцна, а идната ќе има четири неработни дена и споен викенд. По митингот, се најавува засилено присуство на терен, консолидација на општинските комитети, кои неодамна добија претседатели и средби со граѓаните за да им се укаже на штетноста од владеењето на Заев и потребата за негово соборување. Опозицијата смета дека преку одржување на еден и единствен грандиозен протест со присуство на десетици и десетици илјади граѓани ќе се испрати посилна порака до станарите на „Илинденска“ и до целокупната јавност отколку со секојдневни излегувања на улица, кои набргу би издишале.
ВМРО-ДПМНЕ, всушност, ќе митингува во деновите кога се заокружува една година од смената на власта на „Илинденска“. Ова е прв митинг што ќе го организира новото раководство на опозициската партија, кое беше избрано на конгресот во Валандово во декември. Дваесетина дена подоцна во Брисел ќе заседава Европскиот совет, каде што Македонија очекува да добие конечно датум за почеток на преговори со ЕУ, врз основа на позитивниот извештај на ЕК и изгласувањето на реформските закони, во чие донесување се вклучи и опозицијата.
Горан Адамовски