ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го погази Собранието, одговорност мора да има
СДСМ ги погази демократијата, Уставот и законите, само за да изгласа закон со кој се надеваат дека ќе обезбедат поддршка за одржување на неспособната влада. Не ги загрижува тоа што цената од неуставниот, неприменлив и штетен закон ја плаќаат граѓаните и државата. Одговорност мора да има и ќе има. Ова што го направија СДСМ и ДУИ е газење на демократијата и покажување брутална моќ и сила, велат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
Оттаму додаваат дека СДСМ ја обезвредни улогата на Собранието и го поништи уставното право на пратениците, со амандмани да интервенираат во законските предлози.
„Партијата која од опозиција ветуваше дебата на секое прашање сега на сила и крајно игнорантски, оневозможи каков било вид на дебата, туркајќи еден штетен, неприменлив и неуставен закон, кој дополнително ќе ги продлабочи разликите во општеството. Ваквиот однос на СДСМ кон државата и сите оние кои имаат национални чувства се виде со политичкиот прогон поврзан со настаните од 27 април. Патриотите кои го кренаа гласот против катастрофалните политики на СДСМ на секое поле, први на своја кожа го почувствуваа политичкиот прогон кој го спроведува оваа власт.
Тие се најдоа во притвор со цел да се одвлече вниманието на јавноста од реалните и суштински проблеми на граѓаните и да се испрати порака на заплашување“, се додава во реакцијата.
Според опозициската партија, додека вистинските криминалци се на слобода, патриотите и неистомислениците на Заев се по затворите. Судството веднаш мора да се ослободи од стегите на власта, а обвинителството наместо да работи по нарачка и да креира случаи за невини луѓе да започне да си ја врши работата и да се справи со напливот на криминал.
„Македонија мора повторно да стане правна држава, патриотите да се ослободат од притвор и од конструираните обвиненија и да се почитуваат Уставот и законите во државата. Судовите мора да прекинат да бидат главни соучесници во политичкиот прогон.
Политичкиот прогон мора да запре веднаш, а судот да се ослободи од стегите на власта. Владата на СДСМ место да се фокусира на политички прогон и реваншизам кон сите оние кои не се согласуваат со овие катастрофални политики, да го насочи своето внимание кон решавање на проблемите на граѓаните кои од ден во ден се се поголеми токму поради неспособноста на Зоран Заев и неговите соработници“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.