ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни до среда каква пропаганда ќе води


Ако до среда не одговори на писмото на спикерот на Собранието, Талат Џафери, за тоа каква јавна пропаганда ќе води за референдумот – пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане без пари, вели потпретседателот на Собранието и член на координативното тело за референдумот, Горан Мисовски за „Независен весник“.
Рокот што им го даде Џафери на пратеничките групи е понеделник. Сепак, според информациите од Собранието, тој ќе се пролонгира до среда бидејќи в понеделник во парламентот гости ќе бидат група американски конгресмени. Нивната посета се поклопува со терминот кога вообичаено се одржува координацијата (10 часот наутро), а во вторник е неработен ден.
Најголемата опозициска партија, и покрај тоа што многупати досега беше повикана, и натаму молчи и не ги кажува своите позиции за референдумот. В среда е 29 август, а најавите од ВМРО-ДПМНЕ се дека ставот околу референдумот ќе го соопштат на 10 септември, па така не е исклучено да гледаме нови драми од типот „не сега, малку попосле“.
Според информациите од Собранието, пратениците нема да добијат пари на сметка и тие воопшто нема да имаат допир со нив.
Собранието ќе отвори посебна сметка. На политичките партии и пратеничките групи им е дадена шанса да се произнесат дали и каква кампања ќе водат и средствата од буџетот се наменети за нив. Значи, нема да им бидат префрлени пари, туку ќе им ги платиме рекламните спотови во комерцијалните медиуми. Хипотетички, доколку некој од пратениците има спротивен став од она на партијата, може да испрати писмо до Собранието, па ќе видиме“, појаснува Мисовски.
Тоа го стори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, не чекајќи го партискиот став. Како „волк самотник“ од третата собраниска редица вчера писмено го извести спикерот Џафери дека ќе учествува во јавната пропаганда на претстојниот референдум и дека се определил за кампања за бојкотирање на референдумот. Во известувањето тој нагласува дека се координирал со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и бара да му се обезбедат средства за кампањата.
Јас сум против референдумското прашање, а бојкотот е загарантирана демократска опција за секој граѓанин и истата е во согласност со демократските традиции на Македонија од 2004 година и согласно Кодексот на Венециската комисија при Советот на Европа од 2007 година. Со оглед на тоа што јавната пропаганда се води на сопствен трошок, а како овластен предлагач Собранието може да води јавна пропаганда, барам да ми се обезбедат средства за таа намена“, пишува во известувањето од Милошоски до Џафери.
Од кабинетот на Џафери му одговорија дека водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието ќе дели средства поединечно на секој пратеник.
До претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска пристигна допис од пратеник во кој го известува дека ќе учествува во јавната кампања за претстојниот референдум и дека бара да му се обезбедат средства за таа намена. За појаснување, водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секој од 120. пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво“, велат од Собранието.
Затоа, додаваат оттаму, претседателот Џафери во текот на вчерашниот ден упати известување до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи, во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „ против“. Врз основа на добиените податоци, појаснуваат од законодавниот дом, пропорционално, Собранието ќе закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, пишани медиуми и интернет портали.
Парите издвоени од Владата за Собранието во износ од 1,3 милион евра ќе бидат пропорционално распределени на пратениците без оглед дали се тие „против“, „за“ договорот со Грција, или, пак, се определиле за бојкот. Тоа значи, велат од парламентот, дека и на Милошоски му следуваат дел од средствата за јавна пропаганда.
Сите средства се наменети исклучиво за медиумскиот закуп на Собранието, односно за сите медиуми што доставиле ценовник во Државната изборна комисија. Парите се наоѓаат на посебна собраниска сметка. Од неа ќе биде намирен јавниот настап на пратениците, кои нема, како што се посочува, да добијат „лични пари“.
Според упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги радиодифузерите треба да создадат услови за еднаков пристап на заинтересираните страни во референдумот до облиците на платена јавна пропаганда, за која радијата и телевизиите може да одвојат вкупно девет минути на секој реален час, емитувани како дополнително време.
Тоа се дополнителни девет минути покрај дозволените 12 минути за рекламирање, според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои, како што се посочува, не смеат да се користат за емитување платена јавна пропаганда за референдумот.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во јавната пропаганда, пратениците што се ‘за’ договорот со Грција ќе користат пет минути, додека останатите предвидени дополнителни минути нема да бидат искористени“, вели Мисовски.
Наум Котевски
Горан Адамовски