Владина делегација го посети опожарениот дом на семејство Зулбеари во Тетово


Владина делегација денеска го посети опожарениот дом на семејството Зулбеари во Тетово и изрази длабоко сочувство за трагедијата во која животот го загубија мајката Фатиме и четири малолетни деца.

Во владината делегација беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Мила Цароска како и министерот задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор Хазби Лика, а беа придружувани од градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи со нејзините соработници.

Министерот Спасовски, рече дека посетата е да изразат сочувство во име на претседателот Заев и во име на членовите на Владата на Република Македонија.

– Ова е една голема трагедија што се случи во Тетово која не потресе сите нас, трагедијата е најголема за семејството, за граѓаните на Тетово и за Република Македонија. Ова треба да биде поука за сите нас заеднички да се вклучиме во подобрувањето на условите за живот во Република Македонија се со цел да да се оневозможат вакви трагедии во иднина. Денеска ја врачивме помошта која е симболична од страна на Владата, донесовме одлука за помош на семејството во вредност од 300.000 денари и со тоа што го донираше градоначалничката Теута Арифи да им се најде на семејството и да можат да продолжат со животот, изјави министерот Спасовски.

Во однос на тоа дали се знаат причините за пожарот, Спасовски одговори дека увидот од страна на СВР Тетово е завршен додека постапката за вештачење е во тек.

– Кога ќе завршат вештачењата тогаш ќе ги утврдиме и причините. Според првичните информации можно е пожарот да избил од неисправна и застарена инсталација или од некое грејно тело, посочи министерот Спасовски