Владата не го продава уделот во Телеком, прифатливо спојувањето на позициите на извршни директори
Владата на Република Македонија не го продава уделот на државата во Македонски Телеком, а таква информација немаме ниту од партнерите од Дојче Телеком, информираат за МИА од Владата.
Оттаму додаваат дека сега веќе поранешниот главен извршен директор Андреас Елснер самиот поднел оставка и оти тоа е негова лична одлука која не ја коментираат.
– Во насока на поголема ефикасност на работењето на компанијата еден од акционерите поднесе предлог за спојување на двете позиции на извршни директори во една. За Владата ова решение е прифатливо, но ќе ги разгледаме сите детали од новиот предлог концепт за работа на компанијата по што нашиот став ќе го кажеме на Собранието на акционери, каде државата ја има златната акција, наведуваат од Владата.
Главниот извршен директор и член на Одборот на директори на Македонски Телеком Андреас Елснер на 1 јули годинава заминува од компанијата.
На позицијата главен извршен директор на компанијата Елснер беше назначен во мај 2017 година и под негово водство компанијата бележи позитивен пресврт во работењето преку најдобрата мрежа, иновативното портфолио на производи и најдоброто корисничко искуство. Тој заминува од компанијата со успешни резултати во првото тромесечје од 2018 година, со раст од 2,6 отсто во однос на минатата година и водечки позициониран бренд.