Владата ги намали критериумите за евтини летови


Владата ги спушти критериумите што треба да ги исполни авиокомпанијата за да добие финансиска поддршка за евтини летови. Со новата уредба, субвенционираната авиокомпанија има обврска до 10 јануари 2019 да воспостави или да одржи база од најмалку еден авион на еден од аеродромите, во период од три години. Дали на скопскиот или на охридскиот аеродром, авиокомпанијата може да избере сама. Со претходниот јавен повик беше предвидено задолжително воспоставување на една база на скопскиот и една база на охридскиот аеродром.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека услов за субвенционирање е авиокомпанијата да почне да лета до најмалку две нови дестинации од скопскиот аеродром, најдоцна до 10 јануари 2019 година, и до најмалку 4 нови дестинации од охридскиот аеродром, со тоа што првите две треба да се остварат до 10 јануари а другите две во рок од една година. Притоа, новите дестинации од охридскиот аеродром може да бидат и такви на кои се лета(ло) и од скопскиот аеродром. Со претходниот јавен повик беше предвидено новите летови од „Св. Апостол Павле“ да не биле опслужувани последните две сезони ни од охридскиот ни од скопскиот аеродром.

„Во изминатиот период имавме сериозни средби со многу авиокомпании. Нема да има комуникација во периодот додека трае јавниот повик. Овие денови, до распишувањето, може да имаме контакти“, изјави министерот Сугарески.

Тој вели дека нема поконкретни информации дека и други компании, освен „Визер“ кој конкурираше на претходниот оглас, се заинтересирани за субвенционирани летови од двата македонски аеродроми.

Владата на седницата во среда ги донесе уредбата за начинот и поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании и Програмата за определување на средства потребни за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Македонија 2019-2021. Програмата ќе се применува од први јануари 2019 до 31 декември 2021. Следен чекор е формирање комисија за спроведување на постапката за доделување финансиска поддршка која ќе го објави новиот јавен повик за доставување барања за финансиска поддршка. Јавниот повик ќе биде објавен во домашни и странски гласила и на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски. Новата тригодишна помош е најавена во износ од 5 милиони евра.

Унгарскиот авиопревозник „Визер“ во два циклуса од по три години доби финансиска помош од 9,5 милиони евра. Воспостави 30 линии до 14 земји.

Анита Салтировска