Виолета Томовска до жените заболени од канцер: Поддршката на семејството е најважна


Виолета Томовска (73), првата дама на македонската народна музика, на 38 години, во екот на популарноста, се разболе од рак на двете дојки. Триесет и пет години подоцна, иако е во пензија, по 57 години кариера, здрава и полна со енергија, волја и бисерен глас, снима аманет-песни, одржува концерти, и со помош на антиканцер здружението „Животна искра“ им помага на жени, мажи и деца заболени од едно од најсмртоносните болести на денешнината.

– Откако го победив ракот, не мислам на болеста. Мислам само на позитивни работи. Колку што можам, главата ја полнам со позитивни мисли, се дружам со семејството, пријателите и им помагам со совети и поддршка на заболените од канцер. Без оглед дали станува збор за рак на дојка и на други органи или за други болести, заболениот човек треба да расчисти сам со себе и да ги избегнува негативните емоции. Болеста не прашува за години и пол. Може секому да му се случи. Колку и да е тешко да се прифати некоја болест, па и да е малигна, најважно е соочувањето и борбата со неа. За жал, во изминативе неколку години бројот на заболените од рак е во пораст. Причините за неговата појава се многубројни, а тоа што секој мора да го знае е дека и покрај безизлезната состојба во која запаѓа болниот има надеж, а таа се наоѓа во него. Некои од жените просто се изненадени од моментот дека и нив тоа им се случува и не знаат што понатаму. Првиот шок поминува, дијагностицирање, операција…

Многу е битна поддршката од семејството, а мене, мојот Франц и семејството, многу ме поддржаа. Поминаа седум години од неговата прерана смрт. Тој се плашеше за мене, а пред мене отиде – вели Томовска.

Откако се разболела и примала терапија, никогаш не криела за болеста. Секогаш ѝ била отворена вратата на добронамерни гости што се интересирале за нејзиното здравје, секогаш кревала телефонска слушалка. Ја научила животната лекција откако на 38 години приметила промени во нејзините дојки, и никому не кажала, ниту на сопругот.

– Тогаш бев во најубавите години, со добро здравје, кариера и семејство. Еден ден, пред тргнување на кратка турнеја во Шведска, почувствував промена во едната дојка, опипав грутка. Не мислев дека е сериозно и не кажав никому. Подоцна, ме чекаше уште едно патување во Амстердам. Пред тргнување, опипав грутка во другата дојка. Е, тогаш му кажав на маж ми. Тогаш немаше многу жени заболени од рак, не се чекаше по доктори, можевте каде што сакате да се лекувате. Во истиот период имав и напад на бубрези. Откако отидов на преглед на бубрезите, отидов на доктор и за градите. Кога ме прегледа, ми се развика што толку долго сум чекала. Јас, и тогаш, а и потоа бев многу смирена, не испаничив. Реков во себе, што е тука е. Со сопругот веднаш почнавме да истражуваме каде што е најдобро да се оперирам. Требаше да избирам меѓу Париз, Лил и Љубљана. Јас ја избрав Љубљана заради сличниот јазик. И не згрешив. Операцијата помина во најдобар ред, ми ставија протеза, пиев некои апчиња и потоа примав полесна хемотерапија која добро ја поднесов. За среќа, не ми падна косата, само се разретчи. Фала богу, брзо ми се обнови. Тогаш сфатив колку вреди животот и колку е скап – вели Виолета.

„Животна искра“ ја создава 1993 година, 10 години по битката со ракот. На почетокот се само 30-ина жени, но со голема желба и ентузијазам.

– За овие години многу направивме. Во 1995 година првпат отидовме да ги посетиме децата заболени од рак, со приредби, подароци. Подоцна се создаде здружение „Пеперутка“, па „Борка“, па многу други здруженија и за други заболувања. Сега, од пет асоцијации, се создаде Алијанса на пациентски организации (АПО). Вратата е отворена и за уште многу други асоцијации… Веќе станавме членови и на Европската организација за пациентски асоцијации, одиме напред, но ни треба поддршка и од институциите. Имаме и многу предавање и во Скопје и надвор. Мислам дека со АПО, свеста кај граѓаните ќе биде на повисоко ниво, без разлика дали имаат или немаат заболувања. На прво место се кардиоваскуларните заболувања, а на второ, канцерот… Стресно е времето, сè е од стрес. А, дополнително, секоја минута помината на сцена и отпеана песна, ми го продолжи и животот и сè уште е така – раскажува Томовска.

Разговорот со психолози и со пријателки е исто така важен во борбата против ракот. Жените треба да се едуцираат за важноста од рано откривање на ракот на дојка што е едно од главните предуслови за негово излекување.

– Себе често се ставаме на последно место, а кога нам ни се случува она што мислиме дека само на друг му се случува, сфаќаме дека здравјето мора да ни биде на прво место во животот, и дека редовно мора да одиме на прегледи, зашто превенцијата е најважна. Мојот рак беше во поодмината фаза, ама имав среќа, но и ги сменив животните навики. Сега поздраво се хранам, не пијам алкохол, јадам многу овошје и сварен зеленчук. И, секако, позитивна мисла – вели Томовска.

Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски