(ВИДЕО) Чудо во Париз: Десеткуваниот Јунајтед го елиминираше ПСЖ од ЛШ


По вчерашната победа на Ајакс над Реал Мадрид од убедливи 4:1, вечерва нова сензација се случи во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Манчестер Јунајтед успеа да направи ново чудо во Лигата на шампионите, откако на гостински терен во Париз успеа да дојде до херојска победа над Пари Сен Жермен од 1:3 со што се избори за пласман во четвртфиналето од најелитното клупско фудбалско натпреварување на Стариот континент.

Манчестер Јунајтед го загуби првиот натпревар на „Олд Трафорд“ со 0:2, а менаџерот Оле Гунар Солскјер за вечерашниот натпревар не можеше да смета на поголемиот број првотимци, па со крпен и десеткуван состав отпатува на реваншот во Париз и многумина сметаа дека „Црвените ѓаволи“ ќе доживеат нов убедлив пораз.

Но, се случи токму спротивното, па Манчестер Јунајтед, спротивно на сите очекувања, дојде до потребната победа и тоа со голем број голобради момчиња во својот тим, за кои ова е прв натпревар во Лигата на шампионите, а за некои од нив прв воопшто во првиот тим на англискиот великан.

Историската победа на Јунајтед ја најави Лукаку со голот во втората минута. По десет минути игра Бернат израмни на 1:1, но пред полувремето белгискиот напаѓач со својот втор гол на натпреварот го врати гостинскиот тим во водство.

ПСЖ доминираше во второто полувреме кога станува збор за поседот на топката, вршеше притисок кон голот на Де Геа, но „Светците“ не беа доволно конкретни. Како што се наближуваше крајот на мечот, така Јунајтед почна да притиска барајќи го голот кој ги носи во четвртфиналето. Така, во судиското надополнување од натпреварот, по ударот на Далот и прегледувањето на ВАР снимката, судијата Дамир Скомина покажа на белата точка, а Маркус Рашфорд во 94. минута немилосрдно ја затресе мрежата на Џиџи Буфон за огромна победа на гостинската екипа.

На вториот натпревар вечерва, Порто по регуларните 90 минути успеа да го анлуира водството на Рома од првиот натпревар со 2:1, па патникот во следната фаза од овој двомеч ќе се решава по продолженијата или пеналите.