(ВИДЕО) МВР со детали за апсењето на инспекторот: Примил поткуп од 5.000 евра


Полицијата пондесе кривична пријава за Љ.С.(62), инспектор во УЈП, кој се сомничи дека од сопственик на угостителски објект, побарал и примил поткуп во износ од 5.000 евра. Во вршењето на кривичното дело му помогнале З.К.(60) и нејзиниот сопруг Љ.К.(63) двајцата од Скопје, ангажирани како сметководители од оштетената страна.

„Пријавениот во својство на службено лице, даночен инспектор, вработен во Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Скопје, со намера да се стекне со противправна имотна корист, од крајот на јуни годинава до почетокот на ноември, помогнат од сметководителите, во неколку наврати побарал, а на 05.11.2018 примил поткуп во износ од 5.000 евра, од А.С., во замена за тоа угостителскиот објект на А.С., лоциран во ГТЦ, да не плати поголема сума на пари која наводно ја должела кон УЈП“, стои во полициското соопштение.

Од страна на А.С. на 9 октомври случајот е пријавен во СВР Скопје и веднаш се преземени соодветни мерки и активности.

Во текот на вчерашниот ден (05.11.), во трговски центар во Скопје остварена е средба меѓу пријавениот и оштетената во која Љ.С. го примил побараниот поткуп од 5.000 евра, по што бил лишен од слобода. По ова лишени од слобода се и З.К. и Љ.К..