(Видео) Богов и ја предаде гувернерската функција на Анита Ангеловска-Бежоска


Новоизбраниот гувернер на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска денеска ја презеде функцијата од досегашниот Димитар Богов. Во нејзиниот мандат вели дека предизвик ќе биде продолжување со спроведување на успешна и независна монетерна политика во насока на остварување на законски гарантираните цели на централната банка.

Во изјава за медиумте по преземање на функцијата од досегашниот гувернер Димитар Богов, таа се заблагодари на претседателот Ѓорге Иванов за неговата номинација, но и на сите политички партии кои го подржаа овој предлог.

– Ова, како што рече, за мене многу значи, но мислам дека треба да значи за целото општество, бидејќи тоа е поддршка на професионализмот.

Тоа, според неа, е клучна работа за просперитетот на нашето општество.

– Пред мене стои предизвикот за продолжување со спроведување на успешна и независна монетарна политика во насока на остварување на законски гарантираните цели на Центрлната банка, а тоа се ценовната стабилност, за која сметаме дека е најдобриот придонес што може да го даде во општеството и тоа преку стратрегијата на одржување стабилен девизен курс на денарот. Одржување на банкарската стабилност, стабилноста на банкарскиот систем, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија и дополнително поддржување на општите економски политики во нашата економија, изјави Ангеловска-Бежоска.

Таа се заблагодари и на досегашниот гувернер Димитар Богов, за кој рече дека Банката ја водеше многу успешно во многу критични моменти и период со кои се соочи нашата економија.

– Јас како негов близок соработник, дел од неговиот тим, учествував и имав задоволство да соработувам и во тие моменти кои беа критични и клучни, низ силниот институционален капацитет на Централната банка успеавме да спроведуваме независна, адекватна монетарна политика која резултираше во задржување на макроекономската стабилност, а со тоа даде и клучен придонес кон растот на нашата економија, рече новиот гувернер на НБРМ.

Функцијата и ја предаде досегашниот гувернер на НБРМ Димитар Богов кој на прес-конференција денеска рече дека во неговиот седумгодишен мандат го одбележаа стабилен курс на денарот, стабилен банкарски систем, што бележеше раст и развој, и ниска каматна стапка, што достигна историски најниско ниво.

– Во периодот 2011-2017 година просечната стапка на инфлација во Македонија изнесуваше 1,5 проценти, а во еврозоната 1,2 проценти,  Девизниот курс на денарот во однос на еврото беше одржан на стабилно ниво, а  покрај оние редовни турбуленции имавме и два силни шока, едниот беше грчката должничка криза, а другиот домашната политичка криза што кулминираше со шпекулативниот напад на девизниот курс и стабилноста на банките, рече Богов.

Одговорајќи на новинарско прашање што бил најлошиот момент во неговиот мандат како гувернер рече дека најверојатно кулминацијата на политичката криза и шпекулативниот напад врз банкарскиот систем.