Веле Смилевски: Не сакам да бидам кандидат за наградата „Книжевно жезло“ на ДПМ


-Замолувам моето име да биде изземено од списокот на кандидати за наградата Книжевно жезло, се вели во писмото на писателот Веле Смилевски до Соња Стојменска-Елзесер, претседателката на Друштвото на писателите на Македонија.

Смилевски во писмото вели дека неофицијално бил информиран дека во процесот на одлучување за наградата Книжевно жезло и тој бил на список на можни кандидати за ова признание.

Еве го неговото писмо во целост:

„Доколку оваа, повторно нагласувам: неофицијална информација е точна, ја користам можноста да Ви го соопштам следното:

1) Имам целосно разбирање за легитимноста на предлагањето за ова високо признание на македонската писателска асоцијација.

2) Ја користам можноста најтопло да се заблагодарам за предлогот.

3) Замолувам моето име да биде изземено од списокот на кандидати за наградата Книжевно жезло.

Образложение: Факт е дека до пред извесно време јас бев еден од претседателите на ДПМ, така што мојата сегашна кандидатура се коси со одредени мои длабоко лични етички принципи. Покрај тоа, како добитник на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело, сметам дека треба да се остави простор книжевните награди да се доделуваат и на други автори чии дела го заслужуваат тоа. Во нашава литература има голем број такви автори. Во спротивно, се потхранува една дегутантна ситуација на, во преносна смисла употребениот оригинален наслов на познатиот филм „Скупљачи перја“. Искрено, не би сакал да бидам во редот на таквите среќници.

Одлуката за ова мое барање е конечна и неотповиклива и таа, како личен став, воопшто не навлегува во правото за определба и предлог и во легитимната работа на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија.

Почитувани колешки и колеги, Ви благодарам за разбирањето во врска со моево барање и Ви посакувам натамошна успешна работа“, се вели во писмото на Смилевски, член на ДПМ.