Брнабиќ утре во Собрание ќе го предложи Синиша Мали за нов министер за финансии


Премиерката Ана Брнабиќ утре во Собрание ќе го образложи својот предлог Синиша Мали да биде избран за нов министер за финансии, информираа од Кабинетот на владата.

Со оглед на поддршката која ја има владата на Ана Брнабиќ од претседателот Александар Вучиќ и мнозинството во Собранието од неговата Српска Напредна партија (СНС), се очекува досегашниот градоначалник на Београд, Синиша Мали, по оставката на Душан Вујовиќ, да биде избран за нов министер за финансии.

Премиерката Ана Брнабиќ денеска во интервју за ФоНет во врска со предлогот Синиша Мали да ја замени градоначалничката функција со министерската, изјави дека „тоа е во целост нејзин заеднички избор со претседателот Вучиќ, а работата е олеснета со тоа што во најголема можна мерка се согласува со политиката на Александар Вучиќ и неговата визија“.

Брнабиќ во интервјуто за ФоНет изјави и дека таа себеси се чувствува како „технократски премиер, бидејќи зад неа не стои политичка партија, а моќта која ја има за водење на владата доаѓа пред се од поддршката на Александар Вучиќ и поддршката на СНС и дека тоа е демократија“.

Таа во интервјуто негираше дека Србија е „заробена држава, бидејќи овој термин на ЕУ не се однесува подеднакво за сите држави на Западен Балкан“, но воедно  поддржува и „поефикасно и поодговорно судство“.