Бран


ЛЕЈЛА САБИТ

Скопје го зафати бран на неодговорност и ниска свест за тоа што значи здравје и живот, ама сите сакаат да ги заплисне морски бран

 

Скопје го зафати бран на неодговорност и ниска свест за тоа што значи здравје и живот, ама сите сакаат да ги заплисне морски бран.

Веќе сте во филм како ве милуваат брановите додека шетате боси по мекиот песок, со завиткани ногавици  или ве нишаат во длабоко, на душек, во чамец или на јахта под силното сонце.

Никогаш не е рано или доцна, во сезона, или вон сезона, ладно или топло, во пандемија или во нормални услови, пензионерски или со журки- за одмор за душа и тело зашто така чувствувате или другите така мислат.

Секогаш во вашиот уморен, стресен, хаотичен, полн со обврски или здодевен и рутинизиран живот има место за еден морски бран и воздух, за еден изладен коктел , за залез на сонце над морската шир, за еден опуштен детски излет без поза, драма или дотерување.

Само вие или со најблиските, на ти со синилото долу и горе, на преполна или пуста плажа, далеку од очите на јавноста, ама ко за беља секогаш ќе сретнете некој познат.

На одмор секогаш книгата, самотијата или друштвото ви се најдобри пријатели или едноставно погледот кон морскиот хоризонт ви се доволни за враќање на енергијата и полнење на батериите за испишување на нова работна и животна страница, а сега за поздрав свет, со нови херои кои се околу нас, а ние не ги гледаме.

Досега, се што беше убаво, кратко траеше. Или тоа што го броевме или ви го броеја летнуваше за миг, ама спомените од морето уште долго ве заплиснуваа во жешкото и полно со спарина Скопје.

Во моментов  располагаме со најголемиот луксуз- времето. Време е убаво и темелно да ги обмислиме следните проекти, да истражиме и научиме нешто ново, да фатиме нов бран и да сфатиме до каде сме и каде допрва сакаме да бидеме.

Морето, како мудрец кој цел живот трпел и плими и осеки, ќе не чека на истото место.

Само здравје, одговорност кон себе и кон другите и висока свест за она што ни се случува. Ќе го испливаме и овој животен маратон!