Бојко Борисов: Сите земји да потпишуваат договори за пријателство наместо да водат војни


Се надевам дека сите земји, во еден момент, ќе потпишат такви договори за пријателство, а не да водат војна, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов по повод ратификувањето на Договорот за пријателство со Бугарија во македонскиот Парламент.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева рече дека на Балканот сме покажале оти кога сме добронамерни и гледаме кон иднината, може да ги решиме проблемите кои се трупале со години.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија беше потпишан во Софија во август минатата година. За ратификација во македонскиот Парламент гласаа 61 пратеник и еден беше воздржан. Бугарските медиуми истакнуваат дека договорот го бојкотирала опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ратификувањето на договорот, потпишан во август, доаѓа на денот кога Бугарија ја призна независноста на Македонија во 1992 година, потсетува БТВ.

Бугарскиот парламент се очекува да го одобри договорот до крајот на месецов.