Борисов го охрабри Заев да продолжи со преговорите за името


Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов денеска во Давос ја поздрави волјата на македонскиот премиер Зоран Заев со која работи за евроатлантските интеграции и го охрабри да продолжи со преговорите со Грција за изнаоѓање на конечно решение за спорот за името, пренесува „БГНЕС“.

Борисов и Заев денеска имаа средба на маргините на Светскиот економски форум.

„Дискутираме за иднината на Европа и за забрзување на развојот на Западен Балкан“, напиша Заев на својот официјален твитер-профил по повод средбата.

Инаку, пораката на Борисов доаѓа еден ден по средбата меѓу Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.

Борисов во рамките на годинешната средба на Светскиот економски форум рече дека „има една неправда, која Европа мора да ја поправи – Западен Балкан“.

Извор: Мета