Болните деца ќе учат од дома


 

Болните деца ќе учат од дома, во саботите нема да се одработуваат неработни денови, а во паралелките нема да има повеќе од 30 ученици. Ова се дел од најважните измени на Законот за основно образование, кои денеска беа презентирани од Министерството за образование и наука. Предвидено е и намалување на неделниот фонд на часови и на бројот на ученици во паралелка, надворешна евалуација за рангирање на основните училишта, ограничување на надлежностите на директорите, советување на родители чии деца користат говор на омраза, можности за напредок на талентирани ученици… Следниот месец е оставен за расправа, коментари и забелешки, по што влегува во собраниските клупи. Учениците од прво до трето одделение ќе имаат максимум 20 наставни часа неделно, од четврто до шесто – 25, а од седмо до деветто – 30. Предметните наставници што немаат доволно часови може да бидат ангажирани на одржување на интегрираната база на податоци, одржување на веб-страницата, е-дневникот на училиштето и други обврски поврзани со компјутерската работа во училиштето.

Со овој закон се предлага наставата во учебната година да се остварува од 175 до 180 наставни дена“, рече министерката Рената Дескоска.

Според предлогот, бројот на ученици во паралелка може да се движи од 20 до 30 ученици. Тенденцијата е тој да биде до 24 максимум, што за некои преоптоварени училишта во Скопје ќе биде тешко остварливо зашто немаат просторни можности за одделенија помали од 30 ученици. Се утврдува и бројот на учениците со посебни образовни потреби во општинските училишта, што не може да биде повеќе од два ученика во едно одделение. За овие ученици ќе има и мобилни служби составени од стручни лица, а училиштето ќе обезбеди и лични асистенти кои ќе бидат плаќани од државниот буџет.

За ученици што се на домашно или болничко лекување подолго од три недели, се воведува можност за организирање и остварување на основното образование во здравствени и домашни услови. За да се спречи насилство и други девијантни појави, училиштата ќе бидат обврзани да спроведуваат програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, програми за спречување дискриминација и програми за превенција на други облици на девијантно однесување. Доколку ученикот користи говор на омраза, неговиот родител, односно старателот, се упатува на советување. Талентираните ученици, пак, ќе имаат можност за настава според напреден образовен план. Се воведува и обврска за професионална ориентација на учениците од основното образование, при што училиштето во соработка со установи за професионална ориентација ќе им помага на родителите и на учениците при изборот на средното училиште и занимањето“, велат од МОН.

Вработените во најдобро рангираното училиште ќе примаат додаток на платата во износ од 30 проценти во наредните 12 месеци. Нутритивниот квалитет на храната и оброците за учениците ќе ги утврдува Институтот и центрите за јавно здравје во Република Македонија, а Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали училишните оброци се во согласност со стандардите за исхрана. Министерката Дескоска посочи дека за нивното спроведување не се потребни финансиски оптоварувања, туку желба и волја за решавање на проблемите во воспитно-образовниот процес.