Биба Додева: Прва ќе проговорам ако незаконски се постапува на Хематологија


Клиниката за хематологија соопшти дека Вие сте една од двете надворешни претставнички избрани да ги мониторирате јавните набавки на оваа Клиника. Кое е објаснувањето, зошто токму сега има потреба од надворешен мониторинг од граѓанскиот сектор и како се одвиваше Вашиот избор?

– Вклучување на граѓанскиот сектор и пациентски организации во комисии во здравствениот сектор е практика која во ЕУ се применува долги години наназад. Како пациентски организации, отсекогаш бараме да сме вклучени во процесите што ни се важни. Oва сме го дискутирале како пациентски организации со клиниките со кои соработуваме и досега нè имаат  неколку пати повикувано да испратиме претставници во нивните комисии, на кои позитивно сме одговориле. И овој пат „БОРКА“ одговори позитивно на барањето на Клиниката за хематологија, во интерес на зголемена транспарентност да делегираме наш претставник кој согласно со член 30, став 1 од Законот за јавни набавки ќе го следи овој процес како надворешен мониторинг. Ние не сме единствената организација која има свој претставник и очекуваме дека во иднина ќе се зголеми бројот на претставници од НВО-секторот како добра практика за контрола на начинот како се трошат јавните фондови. Вклученоста на претставник од пациентските организации во сите комисии кои нè засегаат беше и предлог на неодамнешниот состанок со повеќе од 20 организации кои го имавме на тема „Законот за паралелен увоз и достапност до терапиите“. Нашата цел е да набљудуваме и да даваме сугестии и забелешки, од една друга перспектива како пациентски организации, бидејќи не сакаме да сме исклучени од процесите што ни се важни.

Вие имате искуство и познавања на лековите што се употребуваат во земјава преку работата во „Борка“. Од друга страна, во јавноста се оспорува Вашата фармацевтска и медицинска стручност. Според кои критериуми би ги оценувале јавните набавки на лекови на Клиниката и како би гарантирале за нивната исправност и за законитоста на процедурите за набавка?

Како претседател на БОРКА во своето досегашно 11-годишно искуство, имам завршено голем број обуки кои се однесуваат на HTA (Health Technology Assesment – London School of Economics), процесот на реимбурирање и фармаковигиланца (ISPOR), имам поминато едукации и предавања за набавката на лекови и директно бев вклучена во јавната расправа за Законот за паралелен увоз, на која заедно со многу други претставници од пациентските организации дадовме многу сугестии за негова промена. Сметам дека согласно со моето досегашно искуство, а познавајќи ги проблемите на терен, можам да одговорам на предизвикот да се ставам во служба и заштита на јавниот интерес, особено интересот на пациентите заболени од рак. Јас не видов дека има оспорување на мојот ангажман, туку имам огромна поддршка од јавноста и воопшто не беше оспорен мојот кредибилитет. Точно е дека јас не сум доктор  со медицинска стручност, ниту пак фармацевт и не сум ниту клиничка лабораторија која гарантира исправност на лекот, ниту институција која тоа го спроведува,  но мојата обврска не е поврзана со лекувањe на пациентите или оценување на работата на лекарите и медицинскиот персонал на Клиниката, туку да следам дали доследно се почитуваат процедурите при спроведување на Законот за јавни набавки и да дадам свои сугестии (на пример, дополнување на позитивната листа на лекови, важноста од промена на критериумите од Законот за набавка, да не е основен критериум цената на лекот и слично). Правните процедури ги мониторираат моите колеги од организациите кои имаат искуство при ваквите процеси со јавните набавки.

Дали досега во „Борка“ сте имале поплаки за лекови или несакани реакции од лекови што се препишуваат преку Клиниката за хематологија?

– До денес во Здружението БОРКА не е стигната ниту една жалба или реакција од евентуално засегната страна за несакани последици за одредени лекови кои се употребуваат при клиничкото лекување на Хематологија. Имавме усни жалби за такви несакани реакции од Клиниката за онкологија и секогаш се трудиме на пациентите да им објасниме дека е потребно таквите несакани ефекти да ги пријават во Агенцијата за лекови.  Пред неколку месеци на оваа тема претставнички од нашето здружение беа на состанок со директорот на Агенцијата, а предвидено е повторно да се сретнеме за да го подигнеме овој проблем на повисоко ниво и подостапно за пациентите. Тие мора да пријавуваат несакани ефекти. Поголем број од жалбите се однесуваат на недостапност на терапија која, за жал, пациентите се принудени да ја купат од свој џеб, а не секогаш се во можност. Последното такво барање се однесуваше на пациентите со миелом и ние испративме допис до Министерството за здравство и до МАЛМЕД.

Набавките на оваа Клиника се под засилен мониторинг и поради сомневањата за судир на интереси поради роднинската поврзаност на раководството на Клиниката со една веледрогерија. Дали можеби Вашиот ангажман како претставник на граѓанскиот сектор би можел да се искористи како некој вид „оправдување“, од оваа причина?

– Свесна сум за медиумскиот интерес за тоа како се спроведуваат јавните набавки на Клиниката за хематологија, особено поради одредени сомневања за можен конфликт на интереси кои актуелната директорка би ги имала поради тоа што нејзиниот родител е сопственик на веледрогеријата „Пановски“. Токму овој податок беше мотив плус да дадам свој придонес во расчистувањето на евентуалните дилеми за пристрасност или незаконски дејства на оваа Клиника. Веќе разгледувавме и работевме на еден предмет на јавна набавка на 211 лекови распишана во декември 2017 година, за која се произнесовме и дадовме соодветни заклучоци. Морам да напоменам дека на увид ни беше доставена Одлука на Управниот одбор на Клиниката за хематологија со која медицинскиот директор, во случајов в.д. директорката и вонреден професор Ирина Ставридис-Пановска, во согласност со член 1, став 1 и 2 од Законот за спречување на судир на интереси е изземена од сите постапки за набавки на лекови, медицински помагала  и потрошен материјал каде што како потенцијален добавувач се јавува или може да се јави веледрогеријата „Др. Пановски“. Таквите ингеренции се пренесени на друго лице на Клиниката и за тоа е известена Државната комисија за спречување корупција. Ве уверувам дека немам никаква намера да дозволам мојот кредибилитет да биде на каков било начин загрозен. Доколку увидам дека на Клиниката за хематологија се постапува незаконски, ќе бидам првата која јавно ќе проговори за тоа. Мојата задача е да ги штитам интересите на пациентите и така ќе постапувам!

Сунчица Стојановска Зоксимовска