Бездомник нашол 300.000 евра на аеродром во Париз


Полицијата во францускиот главен град Париз трага по бездомник кој случајно нашол 300.000 евра од канцеларија на компанијата Лумис на аеродромот Шарл де Гол.

Компанијата Лумис е задолжена за транспорт на пари до и од аеродромот, и вообичаено нивната канцеларија е добро чувана и заклучена. Но, минатиот петок вработените ја заборавиле вратата отворена, што го искористил бездомникот кој влегол внатре и се послужил со големата пратка пари. Целата случка е снимена на безбедносната камера и полицијата има снимки од бездомникот на околу 50 годишна возраст и интензивно трага по него.

На снимката може да се забележи дека бездомникот случајно се наслонил на вратата и изгледа изненадено кога таа се отворила, а наскоро изненадувањето станало уште поголемо кога видел колку пари има во две вреќи оставени во канцеларијата. Набргу потоа човекот исчезнал од аеродромот со двете вреќи полни пари, оставајќи ја зад себе својата излитена вреќа во која ги носел своите работи.

На Шарл де Гол во секое време живеат околу стотина бездомници чие присуство вообичаено се толерира од страна на аеродромското обезбедување.