Бабичките никој не ги брка од пазарите


Во Министерството за економија уште не стигнале предлози за менување на Законот за трговија на зелени пазари. Новата регулатива што крена голема врева ги збуни и пазарџиите, а некои од нив расколеба да не дојдат на тезгите првите денови од новата година.

„Примената на Законот за трговија на зелените пазари стартуваше од 1 јануари 2019 година, согласно пропишаното. Предлагач на законот е група пратеници на парламентарното мнозинство, а Министерството за економија засега нема предвидено измени на овој закон. Сепак, доколку постојат такви иницијативи од заинтересираните страни, тие ќе бидат разгледани и анализирани по што ќе се донесе одлука за пристапување кон евентуални измени“, ни изјавија од Министерството за економија.

Во декември лани Групацијата за пазари од Стопанската комора на Македонија на средба со министерот за економија Крешник Бектеши ги образложила предлозите за дополнувања на подзаконските акти, кои биле начелно прифатливи за Министерството. Било договорено предлозите да ги достават писмено, но од Министерството велат дека досега предлозите не стигнале.

„Имаше и барања за измена на законот за да им се овозможи на пензионерите да продолжат да бидат трговци на зелените пазари, со цел да не се предизвика намалување на бројот на корисници на тезги. Согласно Законот за работни односи, дополнителна работа за пензионерите не е предвидена, додека за вработените дополнителната работа треба да е со ограничено времетраење од 10 часа неделно, и тоа со претходно добиена согласност од работодавачот каде што вработениот работи со полно работно време“, објаснија од Економија зошто пензионерите не можат да работат на пазарите.

Со новиот Закон пазарџиите мора да имаат лиценца, а неа ја издава Комората на трговци на Македонија. И Групацијата за пазари побарала и таа да добие јавно овластување за издавање на лиценци.

„Кога беше донесен Законот, оваа Комора не постоеше. Таа е регистрирана на 23 април лани, три месеци по донесување на законот. Затоа, согласно Законот, јавно овластување ѝ е дадено само на Комората на трговци на Македонија, која се избори за регулирање на трговијата на зелените пазари“, укажуваат од Министерството.

Од Комората на трговци најавуваат дека од денеска ќе почнат со издавање на лиценците за пазарџиите.

„Дојдоа 20-ина пазарџии кои прашуваа како да добијат лиценца. Иако планиравме да почнеме со издавање по божикните празници, ќе почнеме порано. И веднаш да демантираме дека на традиционалните производители на земјоделски производи, оние бабички и дедовци што ги гледате некогаш дека продаваат зеленчук, овошје во кофички, ќе им биде забрането да продаваат. Може да продаваат, тоа се производи што им се од бавчички, вишок од тоа што го произведуваат за дома. За нив не треба лиценца“, објаснува Екрем Долек, претседател на Комората на трговци.

Од пазарите никој не ги брка ниту продавачите на облека. Со новиот закон е предвидено на пазарите да се продаваат и прехранбени и непрехранбени производи, што значи во овој дел нема ограничувања.

„Идејата на законското решение е да се регистрираат сите лица кои во моментов продаваат на зелените пазари, а се неевидентирани, без разлика дали станува збор за трговија со земјоделски, прехранбени или непрехранбени производи, да се воведе ред на пазарите, да се знае улогата на организаторот на пазарот, улогата на Комората, како и правата и обврските на трговците на зелените пазари, со што се придонесува до намалување на сивата економија“, велат од Министерството за економија а Долек дополнува дека со овој закон се овозможува пазарџиите, со плаќање на лиценца од 60 евра за една тезга годишно, или плус 40 евра за секоја тезга плус, трговецот да оствари минимална пензија.

„Од 2005 година се обидуваме да ја регулираме дејноста продавање на пазари. Сега, само со плаќање на 2.000 денари месечно паушални давачки за придонеси, пазарџиите се здравствено осигурани и остваруваат пензија. Ваков лесен закон не верувам дека има каде било. Сметководствените работи ќе ги вршиме ние како Комора“, вели Долек.

Комората на трговци тврди дека износот на лиценците не е висок.

„Не е многу ако плаќате 10 денари дневно за тезга. На почетокот на преговорите со Министерството за економија и другите институции, износот со кој се стартуваше беше 100 евра по тезга, но по две години борба дојдовме до овие износи“, ни изјави Долек.

Извисија само пензионерите

Од Министерството за економија велат дека согласно член 7 од Законот, пет категории лица имаат право да вршат трговија на зелените пазари. Првата категорија се лицата кои и сега продаваат на зелените пазари, но не се никаде евидентирани, па поради тоа се водат како невработени. За оваа категорија согласно Законот е предвидена регистрација во Комората на трговци на Македонија, преку која ќе се изврши легализација на нивната работа. Со регистрацијата, за оваа категорија согласно член 47 од Законот ќе се применат одредбите за придонеси од задолжително социјално и пензиско осигурување. Втората категорија се лица кои во ЦРМ се запишани како трговци-поединци со единствена дејност трговија на мало на тезги и пазари согласно одредбите од Законот за трговски друштва. Третата категорија се однесува на лица запишани во МЗШВ како индивидуални земјоделци, согласно со одредбите од Законот за вршење земјоделска дејност. Четвртата категорија се физички лица кои се во работен однос, а се занимаваат со земјоделска дејност и се сопственици на земјоделско земјиште или го користат како роднини од прв наследен ред кои не се вршители на земјоделска дејност во смисла на Законот за вршење земјоделска дејност и се евидентирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по завршување на работното време од работниот однос, како и во неработни денови. Петтата категорија се однесува на физичките лица кои се регистрирани, односно евидентирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како членови на семејно земјоделско стопанство. Оттука, пензионерите спаѓаат во онаа категорија на лица кои согласно ова законско решение нема да можат да се јават како трговци на зелени пазари.

Анита Салтировска