Ахмети: Ова е неповторлив момент и се одлучува за иднината
Демократската Унија за Интеграција продолжи со своите активности во рамките на кампањата за референдумот одржувајќи средба со граѓаните на Преспа од кои се побара да бидат дел од победата на 30 септември гласајќи ЗА Македонија во НАТО.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети пред граѓаните на Преспа истакна дека ова е неповторлив момент и дека на 30 септември се одлучува за иднината на народите кои живеат во овие простории.
– Овој референдум има една специфика бидејќи сме заедно за една цел. Овој е првиот момент во историјата на Република Македонија во кој двете најголеми заедници, Македонската и Албанската чекорат заедно и работат на тоа овој референдумот да биде успешен и ние да се зачлениме во НАТО. Ние, покана за членство имаме и после спроведувањето на овој договор, се очекува и ратификација од сите земји членки на НАТО со што очекуваме за 15 месеци да станеме 30 – та полноправна членка на воено – политичката алијанса наречена НАТО. Додека во јуни наредната година очекуваме да започнеме преговори за членство во Европската Унија, рече лидерот на ДУИ, Ахмети.
Во придружба на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на средбата со граѓаните на Преспа беа и Вицепремиерот за Европски прашања, Бујар Османи, пратеникот Агим Шакири и Валмир Азири, државен секретар во Министертвото за култура.