Апостолова: Дијалогот Белград-Приштина е најкомплициран процес на Балканот


Нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е „најкомплициран процес на Балканот во овој момент“, изјави шефот на канцеларијата на ЕУ во Приштина, Наталија Апостолова.

Во интервју за Еуроактив, таа вели дека на двете страни им е потребно постојано охрабрување од меѓународната заедница за да најдат конечно решение и да напредуваат кон членство во Унијата.

По повод етничките инциденти од изминатите месеци, Апостолова вели дека тие се „загрижувачки“ и дека почнуваат да личат како „мило-за-драго“.

Таа додава дека од друга страна, статутот на Заедницата на српски општини е обновен по подолго време и треба да биде завршен до август.

– Ако во тој статут гаранциите за Србите бидат детално објаснети, ако биде одговорено за нивната загриженост за безбедноста, имотните права, пристап до граѓански регистри, правда, со почесто учество на српски судии, тој период на недостатоци ќе биде надминат, изјави Апостолова која е и специјален претставник на ЕУ на Косово.

Во врска со дијалогот Белград-Приштина таа оценува дека „се работи за најкомплициран процес на Балканот во овој момент“.

– Исклучително ранлив и чувствителен бидејќи знаеме за историјата и за наследството зад него. Но, дијалогот нема алтернатива бидејќи не постои друг начин да се случи нормализација на односите Србија-Косово, изјави Апостолова.

Таа нагласува дека Србија веќе покренала внатрешен дијалог за Косово, а Приштина допрва тоа треба да го направи.