Анкета: Жителите на Косово се плашат од повратниците од ИД


Граѓаните на Косово се уверени дека насилниот верски екстремизам останува сериозна закана за националната безбедност, покажа најновото истражување на јавното мислење во врска со повратниците војните во странство.

Како што јавува дописникот на МИА од Приштина, ваквото мислење го делат дури 75 отсто од анкетирани од страна на Косовскиот центар за безбедносни студии (КЦБС), кој денеска ги објави резултатите од тоа истражување.

Извештајот заклучува дека довербата на граѓаните во главните институции, како што се Владата, Собранието, судството и обвинителството е многу пониска одошто во полицијата на Косово, која се перцепира како најдоверлива државна институција.

Довербата на граѓаните не ја ужива ниту Исламската верска заедница на Косово, на која според ова истражување и веруваат значително помалку луѓе споредено со изминатите две години.

– Седумдесет и пет отсто од анкетираните сметаат дека насилниот екстремизам на верска основа претставува закана. Околу половина од испитаниците го гледаат политичкиот екстремизам како закана, споредено со 30 отсто од испитаниците кои го гледаат етничкото насилство како закана за националната безбедност, се вели во извештајот на КЦБС.

Што се однесува до опасноста која граѓаните ја гледаат кај вратените од воените зони, извештајот констатира дека анкетираните во руралните зони сметаат дека поранешните борци кои се вратиле претставуаат поголема опасност, споредено со анкетираните во урбаните средини.

– Податоците говорат дека 62 проценти, односно мнозинството анкетирани, велат дека не би прифатиле вратени поранешни борци во нивните населби или во нивната заедница, додека само 25 отсто од анкетираните изјавиле дека би ги прифатиле повратниците, но со постојан надзор од државата, наведува извештајот.

Податоците говорат дека регионите на Приштина, Митровица, Пеќ, Ѓаковица, Урошевац и Северна Митровица изразуваат најголем отпор кон враќањето во нивните средини на поранешните борци во конфликтите во странство.