Анита Ангеловска-Бежоска стана гувернерка
Со двотретинско мнозинство, од вкупно 81 глас „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, парламентот ја избра предмалку Анита Ангеловска Бежоска за гувернерка на НБРМ.
За нејзиниот избор гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор Драган Данев,сепак, реагираше пред гласањето поради тоа што не бил ставен на изјаснување претходниот предлог на претседателот Ѓорге Иванов. Шефот на државата прво предложи за гувернер да биде реизбран Димитар Богов, кој на крајот ја повлече кандидатурата, пред сѐ поради отпорот што го пружаше ДУИ за неговата номинација.
Ангеловска Бежоска е петтиот гувернер на НБРМ, а прва жена на највисоката функција во монетарната власт. Во изминатите осум години таа беше вицегувернерка во НБРМ, избрана во два мандати.