Талат не го контролира ни бифето во Собранието


Поплаките на спикерот на Собранието, Талат Џафери, дека парламентот не си го контролира обезбедувањето наидуваат на разбирање кај аналитичарите во земјата. Според нив, Џафери со право бара наредбите за внатрешната безбедност да се доделат на внатрешните служби на парламентот.
Лидерот на Демократскиот сојуз и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, смета дека иако во минатото имало многу инцијативи ова прашање да се реши, сепак и понатаму сите внатрешни служби се под контрола на Владата, односно МВР.

„Не само обезбедувањето, туку и бифето што ги служи пратениците со храна и возниот парк, сѐ е под контрола на Владата. Парламентот во суштина не контролира ништо од тоа, освен своите простории бидејќи сите други служби, како што се обезбедување, бифето, ресторанот, се под контрола на Владата, односно на МВР и полицијата. Така што имаше повеќе обиди и иницијативи да се разреши тоа, но досега не се успеа“, вели Трајанов.

Тој се согласува со изјавата на Џафери дека обезбедувањето мора да биде ставено под контрола на парламентот за да не се повтори „црниот понеделник“ и крвавиот упад во Собранието на 27 април минатата година. Сепак, според негова оценка, внатрешното обезбедување нема толкав капацитет да спречи инциденти од повисоки размери, па МВР треба да се погрижи да не се повторат крвавите сцени од 27 април.

„Внатрешното обезбедување во парламентот нема капацитет да спречи евентуални немили настани ако се отворат вратите. Сепак, тоа мора да го направи полицијата. Обезбедувањето може да биде до 40 вработени, додека пак МВР располага со огромен капацитет и ги добива првичните оперативни информации за евентуалните подготовки за упад во парламентот, за можни терористички акти и така натаму. Тоа не може да го спречи внатрешното обезбедување и од тој аспект со таква поставеност би имало уште поголеми проблеми. Тоа значи дека е надвор од паметот дека при евентуален упад внатрешните служби ќе можат да го заштитат парламентот, тоа мора да го прави МВР. Тоа е работа на специјалните служби, на Управата за безбедност и контраразузнавање, на Управата за јавна безбедност, да обезбеди физичко обезбедување“, вели Трајановски.

Албанскиот аналитичар Алберт Муслиу нема дилеми исто така дека Собранието треба да има целосен надзор врз обезбедувањето.
„Секако дека законодавниот дом е највисокиот орган во Македонија и никој не смее да игра игри, да наметнува сила или контрола врз парламентот. И претставниците на МВР, како и на сите други служби, се во функција и на располагање на парламентот, кој секако дека е менаџиран од страна на спикерот. Затоа, вакви дилеми и вакви настани не треба да се случуваат, а ние видовме дека секое скршнување, секоја тенденција за спротивно однесување може да доведе до настани какви што беа на 27 април. Апсолутно се согласувам дека контролата треба да ја има парламентот, а претставниците на Министерството за внатрешни работи се таму бидејќи се повикани за потребите на парламентот. Затоа, тие може да влезат внатре само ако добијат дозвола од спикерот“, рече Муслиу.

Како е ова регулирано во законодавните домови во разни европски земји?
Во парламентот на Шведска има посебна служба во рамките на парламентот која се грижи за безбедноста на шведскиот законодавен дом и за сѐ што се случува внатре, а во Данска во рамките на тамошниот парламент има единица која се грижи за безбедноста на пратениците. Пратениците на Обединетото Кралство, пак, ги штити специјален Парламентарен безбедносен департмент, кој во соработка со полицијата обезбедува вооружена и невооружена заштита на двата дома, а неговите ингеренции се толку големи што дава препораки и за сајбер-закани, комуницира со надворешните разузнавачки агенции и има свој оддел кој ги менаџира финансиските и кадровските прашања.

Б.И.