Амнестија со која на сите ни го сместија


Звонко Давидовиќ

Нема правда, нема мир – скандираа луѓето секојдневно на улица во сите градови на Македонија. Ечеше Македонија од повикот на граѓаните за уривање на режимот кој владееше 11 години, а една од основните одлики му беше заробената држава, партизирано сваровски-судство, двојни аршини, селективна правда и аболиција на сите осомничени од тогашната власт кои беа на раководни позиции во државата.

Граѓаните ја дадоа безрезервно поддршката на партијата која излезе со „бомбите“ на кои се слушаа сите гадости и ујдурми на претходната власт и која вети дека ова повеќе никогаш нема да се повтори. Партијата која доаѓаше на власт, а која 11 години беше разнебитена млака опозиција, им вети на граѓаните правна држава, реформирано судство, одговорност за секого што се огрешил од законот, еднаков закон за сите, одговорност на судиите, јавните обвинители, а особено на Судскиот совет. Граѓаните поверуваа и го дадоа својот глас за реформаторите и носителите на подобрата иднина за Македонија.

Како гарант за одговорноста на носителите на јавните функции и расветлување на сите сомневања за сторени кривични дела на носителите на власта се формираше СЈО. Специјалното јавно обвинителство или „македонските Чарлиеви ангели“, како што ги нарече една странска новинарка, која и сними и документарен филм за нив, добија таква поддршка и симпатии како што никогаш ниту еден орган или институција не добиле. Се печатеа и се носеа маички со натписот на СЈО и сликата на трите грации, се пишуваа и изведуваа песни и скечеви, се издигнаа на ниво на симбол за правда и правичност.

Се случи крвавиот четврток некаде во меѓувреме во премрежијата на секојдневието на оваа чудесна наша Македонија во која сè е можно и сè е дозволено. Разгневен и запрепастен народот бараше одговорност од сите што учествуваа во крвавиот настан. Повредените пратеници, крвави, завиткани во завои, ветуваа одговорност и соодветни казни за сите. Со настанот се потврди само она што веќе толку пати беше елаборирано во сите извештаи и дебати на експертите, она што веќе се слушаше и во „бомбите“ – државата е партизирана и сите институции се заробени и во функција на една партија, а не на граѓаните.

Го добија мандатот и седнаа во своите фотелји довчерашните опозиционери, збунети, затечени, но подржани од народот и неговата желба за подобро утре, за нормална држава, за реформи, за судство со кое ќе се гордееме, за правда, за мир. Нашите деца нема повеќе да заминуваат во странство, ветуваа довчерашните опозиционери, ќе ја направиме државата дом за сите и секого, дом во кој сите ќе бидеме горди.

Почна практикувањето на власта и судирот со реалноста на министрите, премиерот, јавните функционери кои требаше да ја реформираат државата и од заробена да создадат држава по европски стандарди. Извештајот на Прибе се третираше како појдовна точка за тоа што треба и мора да се исполни и направи. Излезе дека состојбата е покатастрофална и од најцрните предвидувања и дека нема баш така лесно да се испорачаат ветените резултати. Од генерален реизбор на судии се премина на евалуација на работата на секој судија во изминативе 11 години, од смена и одговорност на сите носители на јавни функции за кој ечеа „бомбите“ почна да се пропагира инклузивноста. Довчерашните гробари на правниот систем и на државата почнаа да бидат релевантен партнер во донесувањето на законите, а сè заради инклузивноста и, се разбира, странците. Тие, странците, ќе станат изговор и алатка за сè што не може или за сè што не се сака да се спроведе.

Народот ја наведна главата подразочаран, но сепак сè уште полн со доверба и надеж во ветеното и во луѓето на кој им ја довери власта.

Од евалуација на работата на секој судија и од одговорност и смена со депрофесионализација на членовите на Судскиот совет полека и нежно преминавме на реформите 3, 6, 9, па и 18. Инклузивност, време и трпение народе, сè што сме ветиле ќе исполниме – велеа и понатаму сега веќе устоличените носители на подобрата иднина и правдата и мирот. СЈО полека но сигурно ја сработи својата работа и подигна дузина обвиненија за шлаканиците, гаќите на Ивона, плацевите на Латас, „мерцедесот“ на Грујо и уште неколку на буквата Т.

Судството кое остана исто без каква било сериозна персонална, но и законска промена, продолжи по истиот терк, но сега полека како сончоглед вртејќи се накај новата власт. Клиентелизам беше новиот израз за судството кое точно знаеше и беше истренирано со децении порано што треба да испорача како резултат и кому. Судскиот совет остана нечепнат, неодговорен, надвор од сите закони и реформи.

Стрпливо чекаше народот едно од обвинителствата да го истражи крвавиот настан во Собрание и го дочека резултатот една година подоцна. Стигна обвинението во кое ги немаше организаторите, министерот, првите негови заменици, никој од СВР Скопје ниту од белата палата на ВМРО, но овој народ жеден за правда го поздрави и овој делумен напредок. Дај што ќе дадеш, дај да тргнеме од некаде. Во меѓувреме, СЈО ставаше времени мерки на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, па ги повлекуваше без образложение и некаква правна логика.

Во сето сивило се појави светлина за решавање на спорот со името и брзиот и сигурен прием во НАТО и побавниот, но извесен прием во ЕУ. Но фалеа гласови, фалеше поддршка од опозицијата, која беше заглавена до гуша во калта на криминалот и настаните од крвавиот четврток во Собрание. Инклузивноста порасна до степен на помирување и заборавање на слученото сè заради напредокот на државата.

Наеднаш паролата „Нема правда, нема мир“, стана – нема правда за да има мир. Одеднаш аболицијата на Иванов ја смени амнестијата на групата за помирување. Селективноста и двојните аршини продолжија и добија нова димензија. Оние што ги отворија вратите, оние што фрлаа со чанти по пратениците, удираа боксови, добија амнестија, останатите ја добија Добрила Кацарска, а сите ние останати амнезија. И понатаму се оди во затвор ако украдеш ќебапчиња или марула, ама не и ако се тепаат пратеници и ако се украдат буџетски пари.

Во меѓувреме СЈО првпат доби по негово барање мерка притвор и повторно зрак на светлина за по одвај еден месец СЈО само да побара укинување на притворите на луѓето за кој тврдеше дека ја оштетиле државата за милионски суми евра. Од „Чарлиевите ангели“ станаа ангелите на Чарли, оној со мустачињата. Единствениот предметот на СЈО кој резултираше со првостепена пресуда доживеа фијаско во Апелација и бегство на еден од осудените.

Единственото нешто што остана недопрено и неодговорено е вистината. Со ваквиот начин на однесување ние никогаш нема да ја утврдиме и дознаеме вистината не само за случувањата во Собранието, туку и за случувањата во општеството во изминатава деценија. Без вистината и нејзиното преточување во судска пресуда ние нема да ја ослободиме заробената држава ниту да го заживееме судството. Наместо брзањето со амнестија можеше да се причека исходот на судската постапка и правосилна пресуда во која ќе се утврдеше вистината, а тогаш политичарите можеа да амнестираат кого сакаат. Но тогаш никој не ќе можеше да ја негира вистината и своето учество во настаните.

Сево ова многу ме потсетува на еден стар виц со смена на директорите. При смена на директорот на едно големо претпријатие стариот директор предавајќи му ја канцеларијата на новиот му посочил дека во фиоката на бирото му остава три пликоа и го посоветувал истите едно по едно да ги отвора кога ќе почнат проблемите во претпријатието. Поминало време и новиот директор се соочил со штрајк и незадоволство на вработените. Му текнало на пликоата и го отворил првото во кое пишувало да го нападне старото раководство кое е одговорно за тешката состојба, но новото раководство прави сè за да ја надмине. Така и направил новиот директор и ситуацијата се смирила. Но по неколку месеци повторно штрајк и незадоволство, ново плико во кое пишувало – унапреди ги најгласните и најбунтовните. Така сторил новиот директор и повторно мир во претпријатието. Но, по извесно време, повторно незадоволство и штрајк, па новиот директор го отворил и последното плико во кое стоело – седни и напиши нови три пликоа.