Американски дрон уби син на водач на талибанци, милитантите се заканија со одмазда


Портпаролот на пакистанските талибанци Мухамед Курасани изјави дека синот на неговиот лидер Мула Фазлула бил во групата на 21 борец кои се убиени оваа недела.

Според Курасани, тие биле убиени кога американски дрон со ракети погодил исламско верско училиште во Авганистан.

Портпаролот на талибанското движење во Пакистан во соопштението наведува дека името на синот на Фазула е Абдулах и предупреди дека наскоро ќе следат одмазднички напади.

Курасани претходно изјави дека во нападот што се случи во близина на пакистанскиот племенски регион Баџур, за кој властите тврдат дека биле цел на воените утврдувања, 21 ученик бил убиен, по дојавата која стигнала од пакистански разузнавачи.

САД претходно денеска понудија награда од пет милиони долари за информација за лидерот на пакистанските талибанци Мула Фазлула.

Во истото соопштение се нуди и награда од по три милиони долари за информација за Абдул Воли, висок претставник на група блиска на талибанците, и за Мангал Багу лидер на група милитанти кои се во сојуз со пакистански талибанци обвинети за напади врз конвои на НАТО.

Стејт департментот нагласи дека наградите за тројцата милитанти ги нуди бидејќи се закана за Пакистан како и за силите на коалицијата предводена од САД во Авганистан.

Вали е лидер на групата Џамат ул-Ахрар поврзана со талибанците и напаѓа цивили од верските малцинства, војници и полицајци и убиле двајца службеници од Конзулатот на САД во Пешавар во 2016 година. Мандал Баг е лидер на Лашкар и-Ислам, која е вмешана во трговија со дрога и напади врз конвои на НАТО помеѓу Авганистан и пакистанскиот пристаништен град Карачи.