Алармантно расте епидемијата на ХИВ во Европа


Бројот на новодијагностицирани лица со ХИВ во Европа достигна највисоко ниво во 2016 година, откако почна евиденцијата на вирусот. Тоа покажува дека епидемијата во регионот расте “со алармантно темпо”, објави Светската здравствена организација (СЗО).

Минатата година,160.000 луѓе биле заразени од вирусот кој предизвикува СИДА во 53 – те земји што го сочинуваат европскиот регион на СЗО.

Околу 80 отсто од заразените се во Источна Европа.

– Ова е најголем број на случаи забележани за една година. Ако овој тренд продолжи, ние нема да можеме да ја достигнеме целта, а тоа е завршување на епидемијата на ХИВ до 2030 година – изјави европскиот регионален директор на СЗО.

Трендот е загрижувачки бидејќи многу пациенти веќе ја носеле ХИВ инфекцијата неколку години пред да им биде поставена дијагнозата, поради што вирусот е потешко да се контролира и е зголемена веројатноста дека веќе е пренесен на други лица.