Јанакакис: Преспанскиот договор повикува на соработка во многу области

Во односите меѓу Грција и Северна Македонија минатата година имаше еден невиден дотогаш развој како резултат на историското потпишување на Преспанскиот договор и неговата ратификација подоцна од страна на нашите парламенти. Сега ќе биде важно да се спроведе стратешкото партнерство воспоставено со Договорот од Преспа. Подготвени сме да ја поддржиме Северна Македонија како добри соседи и пријатели и да го понудиме нашето искуство и експертиза додека земјата оди кон нејзиното интегрирање во европските и евроатлантските организации.

Ова го истакна шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во нашата земја Димитрис Јанакакис на денешниот прием организиран по повод 25 Март – Националниот ден на Грција на кој присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри во Владата, дипломатскиот кор, грчкиот заменик-министер за надворешни работи Маркос Боларис, како и истакнати стопанственици и други јавни личности.

Тој нагласи дека двете земји веќе имаат многу важни односи во многу области што е потврдено и со присуството на повеќе грчки компании и фактот дека Грција е трет по големина инвеститор во Северна Македонија и втор најголем трговски партнер. Дополнително, рече Јанакакис, секоја година пречекуваме повеќе од милион туристи од Северна Македонија, додека многу грчки граѓани исто така ја посетуваат вашата земја.

-Сега имаме можност да сториме многу повеќе. Преспанскиот договор повикува на развој на соработката во многу области. Оваа соработка ќе биде многу корисна за двата народа, нашите општества, а особено за нашите млади луѓе и може да биде многу плодоносна во пракса за нашите граѓани. Ова се покажува и со неодамнешното потпишување на Договорот за отворањето нов граничен премин помеѓу Лемос и Маркова Нога во регионот на Преспа и со потпишувањето на Меморандумот за разбирање за намалувањето на роамингот пред јули годинава. Има уште многу да се стори. Верувам дека наскоро ќе видиме повеќе резултати во пракса. Како Канцеларија за врски што наскоро ќе стане амбасада ќе помогнеме колку што е можно повеќе, порача шефот на Канцеларијата за врски во Скопје Јанакакис.

Фото: Борис Грданоски