Шилегов: Историски ден за Скопје и Атина

 

„Ова е историски ден за нашите градови. Го отвораме патот кон меѓусебно приближување. Имаме цел во интерес на нашите сограѓани заеднички да учествуваме во унапредувањето на иднината на градовите внатре во европското семејство. Имаме силна волја и капацитет да го зацврстиме нашето пријателство. Заедно можеме повеќе и заедно ќе стигнеме побрзо до нашата цел преку интензивна соработка да обезбедиме подобар живот за граѓаните на Скопје и Атина“, истакна денеска градоначалникот Петре Шилегов по потпишувањето на договорот за соработка помеѓу Скопје и Атина. Со атинскиот колега Јоргос Каминис договорија градовите да разменуваат информации и искуства во разни области на работа и надлежности. Ќе соработуваат на полето на администрацијата и управувањето со јавни услуги, урбан развој, урбана отпорност, заштита на животната средина и природата, културни и туристички активности, иновации, информатичка технологија и дигитализација и практики за граѓански ангажман. Воедно, ќе соработуваат и во рамките на мрежата Eurocities и ќе ги промовираат трговските контакти.

Во своето обраќање Шилегов потенцираше дека Скопје и Атина имаат повеќе историја што ги спојува, отколку историја што ги разделува, па затоа и го избрале Музејот на современата уметност да биде местото на кое ќе го потпишат договорот. Исто така, додаде дека Музејот ќе ги потсети на нашата заедничка историја кога после земјотресот во Скопје во ’63-та година, меѓу уметниците од целиот свет кои донирале свои дела и го наполниле овој музеј, биле и 34 грчки уметници кои донирале 46 уметнички дела, а нивните дела се дел од грчката колекција на МСУ што денеска ја разгледаа заедно со гостите од Атина.

„Солидарноста и емпатијата меѓу двата народа постоела тогаш, а постои и 55 години подоцна, а во тој дух продолжува и денеска со  продлабочување на соработката што ќе постави основа за поблиски односи меѓу двете земји и  гарантира подобра иднина за сите“, додаде Шилегов.

Атинскиот градоначалник потенцираше дека не дошол во Скопје да разговараат за името туку да ги поврзат граѓаните на двата главни градови.

„Билатералните односи не треба да не спречат да имаме добри односи меѓу градовите, ние треба да работиме за доброто на нашите граѓаните, кои очекуваат да им служиме и преку соработка тоа ќе го направиме. Не треба да се водиме од стереотипите. Тука сме да им покажеме на граѓаните дека кога почнувате со некого отворено да соработувате, можете подобро да го разберете и тој вас“, изјави Каминис.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ги видел спомениците низ Скопје и што мисли за нив Каминис рече дека немал можност да се прошета низ градот но ги видел на фотографии.

„Местото на скулптурите е на историјата и во музеите. Живееме во 21 век и треба да гледаме напред, како да градиме подобра иднина за граѓаните Скопје и Атина“, додаде Каминис.

Денешната средба беше втора официјална средба меѓу Шилегов и Каминис, првата се одржа во февруари годинава кога Атина беше домаќин на Скопје.