Шведска ја совлада Македонија, Бајрамоска ја заврши кариерата


Женската ракометна репрезентација на Македонија беше совладана од Шведска со 20:32 во претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во Франција.

Македонските ракометарки го доживеаја третиот пораз во квалификациите и ги загубија шансите за пласман на ЕП.

Македонија не го искористи домашниот терен во „Кале“ и вторпат претрпува пораз од фаворитот Шведска.

Швеѓанките во текот на целиот натпревар имаа контрола на теренот и резултатска предност и во ниту еден момент не дозволија да биде загрозена нивната победа.

Македонските ракометарки последниот квалификациски натпревар го играат на 3 јуни во Ниш кога гостуваат кај Србија, но овојпат без шанса за место на европскиот шампионат.

На овој натпревар пред домашната публика официјално од ракометот се прости и репрезентативката Мирјета Бајрамоска, која реши да ја заврши ракометната кариера.

Последниот натпревар во дресот на македонската репрезентација таа ќе го одигра во недела против Србија.

Бајрмоска е една од најдобрите македонски ракометарки во последните две децении.