Чешката Влада поднесе оставка

Владата на чешкиот премиер Андреј Бабиш денеска поднесе оставка, откако вчера не ја доби довербата на Парламентот на Чешка.

Како што се посочува во владиното соопштение во кое е објавена оставката, Кабинетот ќе продолжи да ги извршува своите обврски се до изборот на нова Влада.

При вчерашното гласање во Пратеничкиот дом на Парламентот, „за“ доверба на малцинската Влада на Бабиш гласаа само 78-те пратеници од неговата популистичка партија Акција на незадоволните граѓани (АНО). Вкупно 117 пратеници гласаа „против“, а петмина се воздржаа од гласање.

АНО доби најмногу гласови на парламентарните избори лани во октомври, но не обезбеди мнозинство во Парламентот. Бабиш се обиде да формира владина колаиција, но ниту една од останатите парламентарни партии не сакаа да коалицираат со АНО.

Состојбата во Чешка дополнително се усложнува, бидејќи оставката на Владата на Бабиш доаѓа во време меѓу двата круга од претседателските избори.

Актуелниот чешки претседател Милош Земан, кој го поддржува Бабиш, во првиот круг од изборите одржани во петокот и саботата освои најмногу гласови, но недоволна да биде реизбран на функцијата. Во вториот круг, што ќе се одржи на 26 и 27 јануари, Земан ќе се соочи со поранешниот претседател на Чешката академија на науките, Јиржи Драхош.

Земан во првиот круг освои 38.56 отсто од гласовите, а Драхош – 26,60 проценти. Во вториот круг се очекува неизвесна борба, иако анкетите на Драхош му даваат предност од два до четири проценти пред Земан.