Црна среда: еден загинат и тројца тешко повредени во сообраќајки

Еден загинат и тројца тешко повредени е билансот од сообраќајните несреќи што во средата се случија на патиштата низ Македонија. Шеесет и седумгодишната П.Н. од Битола го загуби животот откако во неа удри автомобил „мерцедес Ц220“, управуван од 56-годишен грчки државјанин. Фаталната незгода се случи околу 19.30 часот на крстосницата од улиците „Македонски гемиџии“ и „Буримечка“ во Битола. Обвинителството нареди обдукција врз телото на битолчанката, а грчкиот државјанин е приведен.

Возач на мопед на возраст од 45 години се здоби со тешки повреди во сообраќајна што околу 7.35 часот се случи на улицата „Васил Главинов“ во Штип. Во него удрило возило „лада нива“, управуван од 47-годишен штипјанец. Повредениот маж е задржан во штипската болница. Во Скопје, поточно во населбата Ѓорче Петров, во претпладневните часови се забележани две потешки несреќи во кои се повредени пешаци на возраст од 67, односно 83 години. Истрагата е во тек во сите случаи.