Црна Гора: Обвинета за „државниот удар“ од судот побегнала во српката амбасада

Откако Вишиот суд во Подгорица донесе решение за притвор на Бранка Милиќ, обвинета за обид за тероризам за време на парламентарните избори во Црна Гора на 16 октомври 2016 година, таа ја напушти судската зграда и избега во српската амбасада.

Судот и одреди мерка притвор поради опасноста од бегство, бидејќи на судењето изјави дека повеќе нема да присуствува на судењето.

Адвокатот Мироје Јовановиќ изјави дека се спроведуваат одредени консултации и дека никој не може во српската амбасада да ја уапси или да ја исфрли.

– Мојот клиент е во амбасадата на Србија. Ова беше изнуден потег. Таа нема да излезе ниту засега ќе се појави на судењето. Впрочем, се зависи од неа, додаде Јовановиќ.

Бранка Милиќ која е српска државјанка, од октомври минатата година се брани од слобода и сместена е во еден од манастирите каде што и е обезбедена храна и здравствена заштита.

Во Црна Гора во тек е судењето за обидот за тероризам на денот на парламентарните избори, на кое се обвинети и поранешниот шеф на српската жандармерија Братислав Дикиќ, водачите на опозицискиот Демократски фронт, Милан Кнежевиќ и Андрија Мандиќ и други лица со српско и црногорско државјанство.

Меѓу обвинитетите се и руските граѓани Едуард Шишмаков и Владимир Попов, на кои им се суди во отсуство.

Црногорските медиуми денеска, повикувајќи се на истражувањето на Белингкет и на руски Инсајдер објавија дека вистинското име на Владимир Попов е Владимир Николаевич Моисејев – кој е агент на руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Во деталниот истражувачки текст на Белингкет и Инсајдер се открива и со повеќе докази се потврдува дека Попов / Моисејев е обучен руски агент, дека е полковник или потполковник на руската воена разузнавачка служба и од ноември 2016 година се наоѓа во Москва каде што продолжил да работи под покровителство и заштита на Кремљ.