Ципрас: решение за име и за надворешна и за внатрешна употреба

По одвоените средби со грчките партиски лидери грчкиот премиер Алексис Ципрас имаше обраќање во јавноста во кое наведе дека е отворена можност за решавање на спорот откако  Владата на Заев покажала волја да преговара за взаемно прифатливо решение на проблемот што ги влоши односите меѓу двете земји измиинатите 25 години.

Грчкиот премиер им објаснувал на лидерите дека  новата Влада во Скопје ја отфрлила иредентистичката реторика на своите претходници, што де факто ги интензивираше преговорите.

Преименувањето на скопскиот аеродромот и автопатот, Ципрас ги нарече  симболични потези кои сепак не го решаваат проблемот.

Ципрас во обраќањето рече дека сака да биде директен и искрен.

“Постигнат е напредок, но има уште многу пат додека стигнеме до заеднички прифатливо сложено име со географска или временска одредница за севкупна употреба. И кога велам севкупна употреба, тоа значи и за меѓународна и за внатрешна употреба на името“.

Ципрас нагласи дека нерешавањето и губењето на шансата за решение на името  ќе биде на штета и на Грција и на стабилноста на регионот

Потсети дека не е случајно што овие 25 години повеќето членки на ООН ја признале земјата под уставното име, а Македонија е содржана и во привремената референца. Оттаму, политичките сили на Грција кои ја искористуваат чувствителноста на Грците ги нарече лицемерни.

“Затоа е потребна патриотска подготвеност да се постигне најдобро можно решение, но не е време, а тоа Грците го научија на потежок начин, за националистички изливи и фанатизам“, рече Ципрас во телевизиското обраќање и повика на мудрост, умереност и реализам..