Ципрас претстави предлози за измена на Уставот на Грција

На состанок на парламентарната група на владејачката СИРИЗА, грчкиот премиер Алексис Ципрас ги претстави предлозите на партијата за измена на Уставот на Грција, јави „Катимерини“.

Меѓу предлозите, кои ги претстави Ципрас, е и експлицитното воведување на „религиозна неутралност на државата“.

– Државата и Црквата имаат зрелост, разум и чувство да прифатат рационализирање на односите меѓу нив. Дојде време во Уставот експлицитно да се воведе религиозната неутралност на државата, изјави грчкиот премиер.

Тој, меѓу другото, предлага да биде воспоставен пропорционален изборен систем, како и да се воведе „конструктивно гласање на недоверба“, т.е. систем, при што предлогот за гласање недоверба на владата може да биде усвоен од Парламентот само под услов ако се избере нов премиер.

Според Ципрас, тоа ќе создаде услови за политичка стабилност, ќе го попречи предвременото прекинување на парламентарниот мандат и ќе се создаде предуслов за исполнување на четиригодишен политички циклус, независно од тактиката и плановите на вонинституционалните политички центри.

Во истата смисла се вклопува и предлогот да биде воведен условот премиерот задолжително да биде избран од грчкиот народ, т.е. да биде пратеник. Според Ципрас, тоа ќе спречи нови случаи, премиерската функција да ја добијат лица кои не поминале преку гласање на народот.

СИРИЗА, исто така, бара да биде воведено „правото за спроведување на референдум по иницијатива на народот”.