Ципрас на одделни средби со лидерите на политичките партии за прашањето за името

На одделни средби, со претседателите на сите политички партии со исклучок на Златна зора, грчкиот премиер Алексис Ципрас во текот на денот ќе разговара за прашањето со името, по средбата со македонскиот премиер, а во пресрет на посетата на Метју Нимиц.

Алексис Ципрас, според грчките новинари, телефонски разговарал со лидерите на партиите и сите позитивно одговориле на неговото барање за средба.

Првиот состанок, јавува дописникот на МИА од Атина, е закажан за 10:30 часот со претседателот на Нова демократија.

Сега е доцна за информирање, бил, според грчките медиуми, коментарот од опозициската партија, но сепак Кирјакос Мицотакис ќе се сретне со Ципрас, и покрај тоа што за викендот има веќе планирана и закажана посета на Обединетите Арапски Емирати. Мицотакис, вчера, за прашањето за името и за позициите на неговата партија разговарал со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат.

Веднаш по разговорите со лидерот на Нова демократија, Ципрас, во премиерската палата ќе ја прими претседателката на Демократската коалиција, Фофи Генимата, која според информациите во грчките медиуми, побарала свикување на лидерска средба под покровителство на претседателот на државата, бидејќи премиерот не обезбедил консензус во внатрешноста на владата.

За 13:30 часот е закажана средбата на Ципрас со генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, а потоа и со лидерот на партијата Река. Грчкиот премиер ќе ги заврши средбите со Василис Левендис, претседателот на малата партија Сојуз на централисти.

Од средбите и разговорите на грчкиот премиер со лидерите на партиите, јавува дописникот на МИА од Атина, исклучен е лидерот на Златна зора, нешто што во изминатите години, особено откако започна судскиот процес против партијата, е вообичаена пракса.

Алексис Ципрас рече дека се направени некои чекори за приближување и постоеле знаци на разбирање и добра волја.

Во почетниот дијалог пред камерите, јавува дописникот на МИА од Атина, Алексис Ципрас и Прокопис Павлопулос, го споменаа и иредентизмот.

– Мислам дека имаше обид за приближување и се направија некои чекори. И во однос на знак на разбирање дека прашањата за иредентизмот се прашања што треба да станат приоритет кон решавање. Мислам дека е позитивна и знак на добра волја промената на имињата и на аеродромот и на автопатот што ги поврзува двете земји. Бидејќи тоа е критично прашање, сите имаме голема чувствителност, никој не може да ја преземе историја на друг народ. Оттука па натаму, мислам дека во следниот период ќе инсистираме на интензивирање на нашите обиди, рече грчкиот премиер и додаде дека неговата влада се обидува да ги реши прашањата што долги години се нерешени.

Грчкиот претседател, говорејќи за Македонија, го спомена иредентизмот како најголем проблем.

– Иредентизмот и елиминирањето на иредентизмот, не е прашање само на Грција, не е тема што ја поставуваме само ние. Треба и нашите соседи да разберат дека е прашање и на Европската унија. Иредентизмот е комплетно спротивен на европското законодавство. Според тоа, било кој тек и до Европската унија поминува преку елиминирање на сите оние иредентистички елементи што постојат во името. – му рече грчкиот претседател на Ципрас, пренесува МИА.

Прокопис Павлопулос, додаде, дека пријателите и партнерите на Грција не треба да заборават дека иредентистички тенденции во името постоеле уште кога нашата земја станала дел од Југославија, а тоа било посочено не само од Грците туку и од САД.

Грчкиот претседател рече дека Грција има добра намера, но никој не треба да заборави дека земјата ги брани историјата, меѓународното право и европското законодавство