Ципрас: Најниската плата од 586 се зголемува на 650 евра

За 11 отсто, односно од 586 на 650 евра, ќе се зголеми најниската плата во Грција, најави грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната владина седница и побара од неговите министри да го поддржат неговиот предлог, што беше проследено со аплауз од членовите на Владата.

Паралелно со зголемувањето на најниската плата се укинува и платата пониска од најниската за младите под 25 години, што досега изнесуваше 510 евра.

-Ве повикувам господа министри, денеска по 10 цели години намалување на платите, да пристапиме кон уште еден чекор, би рекол од историско значење, бидејќи оваа Влада успеа да направи многу историски чекори. Еден историски чекор ќе биде денешната одлука на Владата, по излагањето на министерката за труд, онака како што предвидува законот, што се однесува на укинување на платата пониска од најниската и повторно формирање на најниската плата. Ве повикувам да ја одобрите мојата одлука за најниска плата да биде во висина од 650 евра месечно, рече Ципрас, а овој негов предлог беше проследен со аплауз од министрите, на што грчкиот премиер коментираше дека од оваа нивна реакција сфаќа дека неговиот повик е прифатен.

Грчкиот премиер истакна дека оваа одлука е потег со особена симболика, но и од суштинско значење, а од следниот месец, сите вработени ќе имаа 650 евра најниска плата, што претставува зголемување за 11 проценти.

Ципрас спомена дека еден од успесите на Владата е намалувањето на невработеноста од 27 отсто во 2014 на 18,3 проценти за минатата година, како и заштитата на колективните договори, создавајќи институционална рамка што води до зголемување на платите на 100.000 вработени.

Денешната владина седница грчкиот премиер ја карактеризираше како посебна од три причини: бидејќи е прва по изгласаната доверба на Владата од грчкиот Парламент, прва по ратификацијата на, како што рече, „историскиот Договор од Преспа“ и поради одлуката за зголемување на најниската плата.