Христина Деспотовска : Црвениот килим во 2019 година ќе биде во шеќерни бои и со принцези


Како што кај нас е познато дека по утрото се познава денот… така и во светот на модниот гламур „Златните глобуси“ се предвесник за она што ќе биде актуелно на црвениот килим во текот на оваа година.

– Карактерот на минатогодишното доделување на наградите беше црната боја, како солидарност кон жртвите од сексуално малтретирање. Она што мене ми се допадна е разноликоста во кроеви, модели и стилови… веројатно кога се има одредено ограничување и рамки во кои треба да се движиме, кројот, материјалот, имагинацијата се развиваат многу повеќе, а ризикот за промашен изглед е многу помал. „Оскарите“ во 2018 година, беа сосема друга приказна… од фантастични дами, како Џејн Фонда, Мерил Стрип, Рита Морено, Алисон Џени,… дами кои сами по себе имаат свој препознатлив стил и карактер, кои го создале и задржале со годините… до експлозија од бои, тантели и невкус…

Ако според она што го видовме оваа година на „Златните глобуси“ е трендот и карактерот на црвениот килим понатаму, тогаш значи дека ќе се изнагледаме шеќерни бои, тул, тантела и принцези… изглед кој од една страна мене лично и ми се допаѓа (додека не се претера со него), а на дел од дамите и совршено им прилега. Се надевам дека на „Оскарите“ ќе видиме повеќе нови оригинални дизајни кои ќе ги носат лица со карактер и изглед кој не е претеран со ботокси и шминка, вели Христина Деспотовска, поранешен моден дизајнер на „Кара“, блогерка, и сопственик на модниот бренд „Деспот“.

Што ќе биде тренд годинава?

– Моќните бои на сонцето во комбинација со светли тонови за летните температури и тие бои на поинаков ориентален начин за по ладните денови, лелеави материјали, слоевити комбинации, линии што го следат телото итн… Би требало тоа да го кажам. Меѓутоа, ограничувања нема, секој треба да се носи според својот карактер и да биде сигурен во себе и во она што го носи. Здравиот начин на живот, негата кон себе, интелектуалниот развој, позитивниот поглед кон нештата е она што е тренд овие години, а со тоа си давате карактер себеси и на гардеробата што ја носите – вели Деспотовска.

По завршувањето на ФЛУ и престојот во Лондон во Сент Мартинс, почнала да работи како костимограф, асистент-костимограф и самостоен моден дизајнер, за кратко потоа да ја добие можноста да биде дел од „Кара“ (тогаш единствениот македонски моден бренд), поточно била почетокот на „Кара“ како бренд и како концепт. Лани се најде пред нов професионален предизвик – отворање агенција за организирање настани.

– Седумнаесет години фантастичното искуство во соочување со секаков вид предизвици доведе до она што денес почнувам да го работам. Како тим со уште две фантастични, искусни и упорни девојки ја започнавме работата со нашата агенција за организирање настани, од концепт до крајна реализација… Сонувач сум, често со налудничави идеи што некако ми се остварувале… имам голема слика и сигурна сум дека „Ивент стори“ ќе биде многу поразлично од сè досега – вели Деспотовска.

Годината што помина ќе ја памети како година на предизвици од секаков аспект, многу тешки моменти за соочување, многу предизвици кои сама на себеси ги поставувала за да може да го тренира и умот и телото.

– Сепак, година во која многу научив. Она што дефинитивно би го посакала за оваа 2019 е повеќе време поминато со најблиските и оние што ги сакам, повеќе патувања кои ми помагаат во развивање на нови идеи и многу работа. И уште милион други нешта кои и не мора да се пишуваат – вели Христина.

Л. Сабит