Фенербахче го продава Елмас за да го наполни буџетот, Лестер подготви 30 милиони евра за трансфер


Најголемиот македонски фудбалски талент, Елиф Елмас, на крајот од сезоната оди на трансфер листата, одлучи турскиот клуб Фенербахче.

Управата на гигантот од Истанбул, заедно со тренерот Ерсун Јунал, донеле одлука да го продадат Елиф Елмас со цел да се соберат пари во буџетот, но и да се скрати екипата во која во моментов има 31 првотимец.

Фенербахче сезонава има голема резултатска криза, што придонесе за неколку тренерски смени, но Елмас успеа да се постави како стандарден првотимец. Сепак, Фенербахче во моментов нема шанси за излез во европските купови и поради тоа ќе следува намалување на буџетот за следната сезона, како и кратење на екипата, па Елиф Елмас е еден од оние кои ќе одат на продажба со оглед на тоа дека клубот ќе може да добие голема сума на пари од неговиот трансфер.

Елмас пред крајот на минатата година беше поврзуван со голем број клубови од Европа, како Лион, Борусија Дортмунд, Лацио, Спартак Москва, па дури и гиганти како Реал Мадрид, Манчестер Сити, Арсенал, Тотенхем и ПСВ Ајндховен.

Последен на оваа листа е поранешниот англиски шампион Лестер, кој според британските медиуми, подготвил дури 30 милиони евра за македонскиот фудбалер по барање на новиот тренер Брендан Роџерс. Со оглед на тоа дека Елмас во Фенербахче пристигна за тренинг компензација од само 200.000 евра од редовите на Работнички, турскиот клуб ќе заработи огромна сума од продажбата на македонскиот репрезентативец.

Од друга страна, турските медиуми јавуваат дека сумата која Фенербахче ја бара за Елмас е далеку помала, односно нешто помеѓу пет и седум и пол милиони евра. Според истите извори, Фенербахче одлучил да го продаде Елмас бидејќи иако е често на теренот, тој не покажал никаков прогрес изминатава сезона и нема посебен придонес за тимот, но за тоа се виновни и тренерските промени и различните системи наметнати во текот на сезоната.

Елмас во Фенербахче пристигна во 2017 година, но бидејќи беше малолетен за клубот заигра дури лани во јануари, по што стана и стандарден првотимец. Оваа сезона одигра 22 натпревари и постигна еден гол.