Укината пресудата на Мира Марковиќ

Со одлука на Апелацискиот суд во Белград денеска е поништена првостепената пресуда на сопругата на поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ и лидерка на партијата Југословенска левица (ЈУЛ), Мирјана „Мира“ Марковиќ , со која во јуни минатата година беше осудена на една година затвор под обвинение дека во 2000 година „извршила влијание врз владина комисија за незаконско доделување стан на дадилката на нејзиниот внук“.

Со оваа одлука, која беше објавена на веб-страницата на Судот, наложено е повторување на судењето пред Вишиот суд во Белград и отстранување на сите нелогичности во пресудата и прекршувања на кривичната постапка.

Апелацискиот суд заклучи дека изрекувањето на пресудата резултирало со значителни повреди на одредбите на кривичната постапка и дека бил применет закон што не можел да се примени.

Во одлуката, исто така, се наведува дека е нејасно зошто првостепениот суд не донел заклучок дека постои застаревање на кривичното дело, бидејќи Марковиќ е обвинета дека го извршила кривичното дело во септември 2000 година.

Вишиот суд во Белград во јуни 2018 година ги осуди Марковиќ и поранешниот извршен директор на Друштвото за изнејмување недвижности „Дипос“, Милош Лончар на една година затвор, а поранешниот секретар на Владата на Србија, Живкица Кнежевиќ на една и пол година затвор за доделување на станови во сопственост на Република Србија од 1997 до 2000 година, на лица кои не се вработени во Владата.

Пресудата е донесена по речиси 15 години од покренувањето на кривичната постапка.

На Марковиќ и се судеше во отсуство, бидејќи е недостапна за судските органи на Србија и за неа во 2005 година е издадена меѓународна потерница.

Кога станува збор за достапноста на Мира Марковиќ, претставници на руското Јавно обвинителство во 2010 година соопштија дека таа ужива статус на политички бегалец во Русија и дека не може да биде уапсена според потерницата на српскиот оддел на Интерпол, која е распишана во 2005 година и се уште е во сила.