Угостителите лути по саботната полициска акција

Здружението на заштита на правата на угостителите „Хорекаши“ реагираше по саботната полициска акција во угостителските објекти низ земјава. Тие ги поздравуваат „сите напори на државните институции за доследно почитување на позитивните законски прописи, со што ќе се создадат еднакви услови за сите угостители да моќат да ја вршат својата основна дејност“, но имаат низа забелешки во спроведувањето на самата акција.

„Посетени се повеќе од 40 објекти и најдени се неправилности во не повеќе од 18 објекти, од кои за 13 објекти е издадено решение за затварање. Во сите 40-ина објекти е нарушено редовното работење, а во многумина е и стопирано. Со тоа е нанесена огромна материјална штета и е нарушен угледот на истите објекти, посебно кај оние триесетина каде не се најдени неправилности. Посебен акцент ставаме на предизвиканиот страв кај гостите од кои повеќето се странци видно загрижени за својата безбедност, кои вчудоневидени седеа во објектите спречени истите да ги напуштат од припадниците на ЕБР вооружени до заби, за кои сите знаеме дека таму не им е место“, се наведува во реакцијата од „Хорекаши“.