Убиен еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ

Непознат напаѓач утрово во Косовска Митровица го уби лидерот на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ.

Според првичните информации, Ивановиќ бил застрелан од пиштол околу 8:15 часот додека влегувал во просториите на неговата партија

Веднаш по нападот, 65-годишниот Ивановиќ е пренесен во Клиничкиот болнички центар во Косовска Митривица, каде е утврдено дека не покажува знаци на живот.

Неговиот адвокат Небојша Влајиќ во изјава за Танјуг нагласи дека Ивановиќ имал повеќе прострелни рани во горниот дел на телото.

Влајиќ нагласи дека засега нема информации како се случил трагичниот настан, потврдувајќи ги медиумските информации дека Ивановиќ бил убиен пред неговата канцеларија додека одел на работа.

По инцидентот косовската полиција го болкираше делот од градот каде што се наоѓа седиштето на СПД.

Поради убиството на Ивановиќ, српскиот преседател Александар Вучиќ закажа итна седница на Советот за национална безбедност на Србија, а за во 13 часот најави обраќање до јавноста.

Српската делегација што денеска требаше да учествува на техничките преговори меѓу Белград и Приштина, реши да се врати во Србија.

Шефот на српската преговарачка делегација и директор на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ оцени дека убиството на Ивановиќ има за цел дестабилизација на состојбата во Косово и дека тоа претставува напад врз целиот српски народ.

– Цел е да се предизвика хаос и српскиот народ на Косово и Метохија и цела Србија да се турнат во пеколот на судири, изјави Ѓуриќ во Брисел.

Ивановиќ, кој е поранешен пратеник во Собранието на Србија, во 1999 година беше избран за претседател на Извршниот одбор на Српскиот национален совет за северно Косово, по што во 2001 година е именуван на шеф на Службата за економси развој при српскиот владин Координативен центар за Косово и Метохија.

Од 2008 до 2012 година беше државен секретра во српското Министерство за Косово и Метохија, по што ја формира партијата СДП.