Турција се подготвува за бегалска криза од Африн

Турската Црвена полумесечина соопшти дека е подготвена за можна бегалска криза во областа на сирискиот град Африн, каде Армијата на Турција од саботата спроведува офанзива против Силите за заштита на народот (УПГ) на сириските Курди.

Во областа на Африн, во северозападна Сирија, живеат над 300.000 луѓе, од кои една третина се внатрешно раселени лица.

Според претседателот на Црвената полумесечина, Керем Киник, на 60 проценти од жителите во овој дел на Сирија им е потребна хуманитарна помош.

Организацијата подготвува три нови бегалски кампови североисточно од Африн, додека уште два се подготвуваат во сириската област Идлиб, но досега жители на Африн не побарале сместување во камповите.

Киник ја обвини УПГ дека не им дозволува на жителите на Африн да ги напуштат своите домови и да побараат засолниште.

– Во случај на миграција, ние ќе можеме да примиме повеќе луѓе отколку што ни е иницијалниот капацитет. Навиканати сме да се снаоѓаме со неочекувани бројки на бегалци, изјави Киник.