Турските вооружени сили неутрализирале повеќе од 300 терористи во Африн

Турските вооружени сили неутрализирале повеќе од 300 терористи во сириската област Африн, каде продолжува операцијата „Маслиново грaнче“, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим.

Тој додаде дека операцијата во Африн продолжува според планот.

Во исто време, турската агенција Анадолија цитира изјава на Јилдирим во која тој вели дека „за САД е крајно самопонижувачко тоа што во регионот соработуваат со терористичката организација ПЈД/ПКК“. ПЈД/ПКК е сириски огранок на ПКК која Турција, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

– Неприфатливо и далеку од разумно однесување е тоа што една држава која со години соработува со Турција, која е сојузник во НАТО, сега соработува и отворено поддржува терористички формации кои ги напаѓаат надворешните граници на НАТО – изјавил Јилдирим.

Телевизијата НТВ денеска јави дека Турција на границата со Сирија испратила дополнителна армија, откако САД ја повикаа Анкара на „деескалација“ на турската офанзива во Африн кој е под контрола на Курдите.