Трите премини кон Грција утре затворени поради штрајк

Од ноќеска на полноќ 24 часа ќе биде во прекин сообраќајот на граничниот премин Меџитлија поради штрајк на грчките цариници. Додека на граничниот премин Стар Дојран прекинот ќе биде од 5 часот утре до 5 часот на 31 мај, а на ГП Богородица од 7 часот утре до 7 часот наредниот ден.

Како што соопшти МВР, грчките гранични полициски служби известиле дека поради најавениот штрајк на грчките царински работници во текот на утрешниот ден сообраќајот на граничните премини со оваа соседна земја ќе биде во застој.

Според добиеното известување, на грчкиот дел од премините ќе биде во прекин целокупниот сообраќај за патнички и товарни возила, како и автобуси, а ќе бидат пропуштени патнички возила само во одредени исклучителни, односно итни случаи.

Од МВР информираат дека по неколкунеделниот прекин на сообраќајот на магистралниот пат Скопје-Приштина на потегот од Хани Елези – Качаник, поради градежни зафати, од денеска оваа делница е пуштена  за сообраќај.