Триесетдневен притвор за три лица за разбојништво во агенција за трансфер на пари во Тетово

Три лица добија 30 дена притвор од судија во претходна постапка при Основниот суд во Тетово осомничени разбојништвото во агенција за трансфер на пари што се случи вчера на улица Илинденска во Тетово.

Како што информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, притвор им бил определен на италијанскиот државјанин М.М.(56) и македонските државјани Е.В.(32) и Х.Л.(57), двајцата од Тетово. Италијанската државјанка Р.С(35), за која беше поднесена кривична пријава за прикривање, останува на слобода.

Италијанскиот државјанин и двајцата тетовци доцна попладнево биле пренесени во казнено поправната установа  Скопје во населбата Шуто Оризари на издржување на притворот.

За тетовецот Е.В.(32) покрај поднесената кривична пријава за разбојништво во агенцијата за трансфер на пари, полицијата на 13 јули поднела друга кривична пријава со која го сомничи за негова вклученост во друго разбојништво при трансфер на пари од агенција за обезбедување на еден тетовски маркет.

Според полицијата, разбојништвото во агенцијата за трансфер на пари било извршено вчера околу 9 часот така што италијанскиот државјанин М.М. влегол во објектот и заканувајќи му се на вработениот со пиштол од метален сеф и фиока противправно одзел парични средства во вкупен износ од околу 20 илјади евра, односно неколку пати повеќе од првично пријавените 5.000 евра. Потоа со такси возило управувано од Х.Л. веднаш се оддалечиле заедно со другите  осомничени кои го чекале во непосредна близина.

Набрзо четворицата осомничени се упатиле кон угостителски објект покрај регионалниот пат Тетово-Волковија каде ги поделиле одземените пари, а потоа во друг угостителски објект каде престојувале по само пет часа од разбојништвото биле лишени од слобода од полициски службеници на СВР Тетово.