Трамп: „Њујорк Тајмс“ користи измислен извор во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини весникот „Њујорк Тајмс“ дека во еден негов напис се повикувал на „измислен извор“ во Белата куќа.

Станува збор за текст во кој „Њујорк Тајмс“ цитира „претставник на Белата куќа, кој побарал анонимност“, кој рекол дека дури и да дојде до средба меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, таа нема да се одржи на 12 јуни, бидејќи времето за нејзино организрање до тогаш е прекусо.

Трамп во објава на Твитер нагласи дека претставникот на кој се повикува весникот воопшто „не постои“.

– Повторно невистинито! Користете реални луѓе, а не лажни извори, напиша Трамп, кој досега во неколку наврати го критикуваше објавувањето на информации добиени од „анонимни извори“, оквалификувајќи ги таквите содржини како „лажни вести“.

Меѓутоа, покрај „Њујорк Трајмс“ и други американски претставници тврдат дека во конкретниот случај не станува збор за „измислица“ и „измислен извор“, туку дека тоа на брифинг со група новинари го изјавил официјален претставник на Белата куќа, кој при тоа побарал да остане анонимен.

Белата куќа засега одби да ги коментира ваквите тврдења на медиумите.