Трамп: Истрагата за руската вмешаност во изборите е неразумна

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Роберт Малер, кој води истрага за евентуално руско мешање во американските претседателски избор во 2016 година, би требало да ги објави своите сознанија.

– Нека ги објави, нека ги видат луѓето. Дајте да видиме дали тоа е или не е вистинска работа, рече Трамп, кој истрагата на Малер ја нарече „неразумна“.

Малер би требало во наредните неколку дена во Министерството за правда да ги претстави своите наоди. Министерството ќе добие увид во доказите за можно руско мешање во американските претседателски избори, кои Малер заедно со своите соработници ги собираше речиси две години.

Светските медиуми јавуваат дека постои можност меѓу наодите на Малер да има и инкриминирачки докази против некои соработници на Трамп, како и против претседателот на САД.