„Титаник“: Јанакиески бара списоци со поддржувачи од администрацијата за „војната во Центар“

Со преслушување на „бомби“ денеска во кривичниот суд во Скопје продлолжи судењето за предметот на СЈО „Титаник“, а на денешното рочиште судијата Осман Шабани утврди дека се присутни сите обвинети.

Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања

На денешното рочиште се преслушуваат снимени разговори од 26 март 2013, неколку дена по локалните избори. На една снимка се слуша како Миле Јанакиески бара списоци од избирачки места и анализи за излезеност по години и изборни циклуси во општина Центар.

Во еден од разговорите Јанакиески, од женска личност, бара список на вработени во јавна и државна администрација што живеат во Центар. Откако таа го прашува како да им каже од околу, Миле и вели „директно, како од околу, војна е во Центар“.

Од разговорите се слуша како Миле Јанакиески, освен администрација, акцијата ја организира и по фирми, такси компании, лица што користеле грантови за самовработување, луѓе што ги знаат, како продуценти и други „гласачи од Центар“, каде може да се притисне за гласови. Јанакиески, во еден од разговорите, објаснува дека прават база на 15.000 гласачи кои ќе го поддржат Тодоровиќ во општина Центар.

Досега во “Титаник” се преслушани околу 700 “бомби”, од над 1.000 предложени од СЈО.