Тереза Меј најави оставка доколку се реализира Брегзит

Тереза Меј изјави дека ќе си даде оставка на местото премиерка во случај да се оствари Брегзитот, јавува Си-ен-ен.

„Подготвена сум да ја напуштам оваа должност порано од намерата со цел да го направам она што е исправно за оваа земја“, потврди таа за Би-би-си.

Таа изјави дека нема да остане на позицијата во следната фаза од преговорите за Брегзит. Не го одреди точниот датум на напуштање на должноста.

Британските парламентарци во понеделникот вечер гласаа за преземање на контролата во Долниот дом на парламентот над британското излегување од ЕУ поради неможност за постигнување договор за тоа како земјата би требало да ги спроведе резултатите од референдумот од 2016 година кога 52 проценти од гласачите истакнаа дека сакаат излез од ЕУ.

Со гласањето во кое 329 гласови беа „за“, а 302 „против“ амандманот кој го приложија застапниците од различни партии, владата на премиерката Тереза Меј доживеа пораз.

Тројца министри, Ричард Херингтон, Алистер Барт и Стив Брајн, излегоа од владата сакајќи да гласаат за овој предлог.

Тереза Меј се обиде да спречи пораз нудејќи им на парламентарците серија гласања за алтернативи на Брегзитот кои би ги организирала владата.

Според нејзините зборови овозможувањето на парламентарците да ја преземат агендата во Долниот дом се испостави како „преседен кој не е добредојден“.

Меј е соочена со метеж во својата Конзервативна партија.

Се очекува таа во текот на денот да одржи говор зад затворени врати пред партискиот Одбор со цел да добие посилна поддршка.

Челниците на ЕУ и дадоа две опции на Тереза Меј на самитот на 21 и 22 март.

Или британските застапници оваа недела ќе изгласаат повлекување и Велика Британија уредно ќе излезе од ЕУ, со одложување до 22 мај, или договорот ќе биде отфрлен и Лондон до 12 април ќе претстави алтернатива и ќе бара ново одложување кое ќе го обврзе да организира европски избори кон крајот на мај.